17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Лондон и Берлин против корекција на границата меѓу Косово и Србија, САД умерени

Велика Британија смета дека повиците за корекција на границата меѓу Косово и Србија би можеле да бидат дестабилизирачки, Германија и понатаму на ставот дека поместувањето на границите е ризично, а САД имаат поумерен став по ова прашање, пренесува Радио Слободна Европа.

Како одговор за РСЕ, британската амбасада во Приштина наведе дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е пресудна за безбедноста, стабилноста и просперитетот на двете земји и на регионот. Како што се додава, британската влада верува дека тоа треба да биде основа за признавањето на независните и суверени држави во внатрешноста на актуелните граници.

„Сметаме дека повиците за корекција на националните граници може да бидат дестабилизирачки“, се наведува во одговорот.

Кај Германија нема промена на ставот по прашањето за границите, соопшти германската амбасада во Приштина. Официјалните лица во неколку наврати изјавија дека поделбата на Косово би можела да доведе до создавање потенцијални дестабилизирачки ефекти во регионот и пошироко поради што Германија категорично е против поделба.

Од друга страна, како што пренесува РСЕ, во недаменшниот одговор на Стејт департментот на прашањето за сè почесто споменуваната поделба и корекција на границата меѓу Србија и Косово се наведува дека САД силно го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина со помош на ЕУ, но дека сега е време страните да бидат креативни и флексибилни.

„Решението мора да дојде од нив и да биде локално. Соединетите Американски Држави се подготвени да ги ислушаат и да им помогнат на страните во пронаоѓање на решението“, наведе Стејт департментот.

Косовскиот претседател Хашим Тачи во неколку наврати изјави дека во Брисел ќе биде претставена иницијатива за корекција на границите, што би подразбирало присоединување на Прешевската Долина кон Косово, а никако поделба, размена на територии или автономија за Србите. Причина за тоа, како што рече, е барањето на политичките лидери на Албанците од Прешевската Долина тој дел да се соедини кон Косово. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека се согласува со разграничување со Албанците на Косово. Тој додаде дека не може да навлегува во детали за она што се преговара со косовските Албанци бидејќи на тој начин ќе ги отвори картите на Србија во преговорите.

Спонзорирано: