5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Единствена Македонија: Властите знаеле за терористите кај Карпалак, но не сакале да ја спречат трагедијата

Партијата Единствена Македонија на прес-конференција сподели документи и факти од кои, како што посочија оттаму, се гледа дека погибијата на македонските бранители кај Карпалак можела да се спречи.

На прес-конференцијата Драган Угриновски, член на Извршниот комитет на партијата, рече дека случајот Карпалак не смее да се заборави, бидејќи, како што кажа, има докази дека можело да се спречи загинувањето на бранителите.

Имено, тој наведе дека надлежни лица пропуштиле да преземеат дејствија со цел подобро да го обезбедат конвојот.

„На почетокот на јули 2001 година четириесетина дена пред погибијата кај Карпалак, во Службата за државна безбедност има два службени документи со податоци дека на ридот од каде се пукаше врз конвојот се наоѓа вооружена група од десетина лица“, обелодени Угриновски, кој додаде дека презентира извадок од аналитичка информација, по која доколку надлежните постапеле, Карпалак ќе можел да биде избегнат.

Угриновски посочи дека аналитичарите во државната безбедност професионално си ја извршиле работата и дале прецизни анализи и насоки како да се запоседне просторот околу автопатот кај Карпалак заради безбедно минување на редовните конвои на бранителите накај Тетово.

„Трагедијата сигурно ќе беше избегната доколку само со еден хеликоптерски прелет беше збришана оваа вооружена група, бидејќи 40 денови пред крвавиот настан прецизно се знаеше локацијата и бројноста на групата“, рече членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија.

Притоа тој посочи дека до денешен ден се крие и кој дал наредба пред трагедијата да се отстрани и безбедносниот пункт на автопатот Скопје-Тетово во близина на Карпалак и зошто по трагичниот настан, бранителите биле оставени сами на себе да горат во торпедираните возила, иако на армиските хеликоптери од аеродромот Скопје до Карпалак им било потребно само пет минути да пружат помош.

„Седумнаесет години по крвавиот настан кај Карпалак, едно е сигурно, ниту кај СДСМ, ниту кај ВМРО ДПМНЕ кои се менуваат на власт по Татковинската војна во 2001 година, нема интерес за вистината за бранителите кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата“, рече Угриновски и додаде дека една од првите задачи на власта на Единствена Македонија ќе биде целосно расчистување на сомнителните загинувања на македонските бранители.

Спонзорирано: