19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

НБРМ: Расте побарувачката на кредити

Советот на Народната банка ја одржа редовната седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за финансиската стабилност во земјава во 2017 година, соопштија од НБРМ.

На седницата, при разгледување на Извештајот, како што соопштува НБРМ, беше потенцирано дека и во 2017 година банките остануваат најзначајниот фактор за одржување на стабилноста на целокупниот финансиски систем и на одделните финансиски институции.

Во текот на минатата година немало позначителни промени во однос на изложеноста на банкарскиот систем на ризиците во работењето.

Ризиците од нефункционалните кредити не се големи, велат од НБРМ и додаваат, имајќи предвид дека банките обезбедуваат високо нивно на нивна покриеност со исправка на вредноста, при што нивната евентуална целосна ненаплата не би ја нарушила солвентноста на банките.

Меѓу другото, во Извештајот е истекнато дека минатата година дошло до подобрување на солвентноста на банкарскиот систем, при што стапката на адекватност на капиталот достигнала 15,7%.

Високиот износ и квалитет на сопствените средства со кои располагаа банките овозможило релативно лесно усогласување со новите повисоки капитални барања, кои беа воведени заради примена на меѓународните стандарди во овој домен, пред сè на стандардот Базел III, чија цел е зајакнување на отпорноста на банките и банкарскиот систем, велат од Народната банка.

Ликвидноста на банкарскиот систем е задоволителна, при што во 2017 година ликвидните средства се задржале на ниво што овозможило непречено извршување на деловни активности на банките.

Во Извештајот одделно е нотирано и дека во 2017 година, домашниот корпоративен сектор бележи подобрување на показателите од работењето утврдени врз основа на агрегираните официјални финансиски извештаи на секторот, коешто во голема мера се темели на новите извозно ориентирани капацитети.

Висината на долгот на корпоративниот сектор расте побавно, при што за првпат во последните седум години дојде до намалување на неговата нето-задолженост кон надворешните доверители, поради растот на дадените кредити од домашни корпоративни клиенти кон нерезиденти.

Сепак, искуството на банките, додаваат од Народна банка, покажува поголеми ризици од корпоративниот сектор, наспроти домаќинствата, поради што е сè поголем нивниот интерес за кредитна поддршка токму на домаќинствата.

Поголемиот интерес на банките за кредитна поддршка на домаќинствата е поткрепен и со зголемената побарувачка за кредити пред сè во доменот на станбеното кредитирање, поволните остварувања на пазарот на труд и поволните очекувања на потрошувачите во поглед на невработеноста и финансиската состојба. Стимул за поголемо кредитирање на домаќинствата претставува и солидната наплата и следствено добриот квалитет на кредитното портфолио на банките кон домаќинствата, што се согледува преку ниската и стабилна стапка на нефункционалните кредити од 2,4%.

При разгледување на Извештајот, одделно внимание беше посветено и на капиталното финансираното пензиско осигурување и на осигурителниот сектор, како следни два поголеми сегменти од финансискиот систем.

Притоа НБРМ заклучила дека тие не создаваат ризици за финансиската стабилност.

Во дискусијата во врска со Извештајот, уште еднаш било потенцирано дека НБРМ и натаму останува подготвена да ги преземе сите потребни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс, во насока на одржување на ценовната стабилност како нејзина основна цел, но и како поддршка на финансиската стабилност како нејзина втора законски утврдена цел, велат од НБРМ.

На седницата, Советот на НБРМ, разгледала и донела и нова Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик, која, како што потенцираат од НБРМ, е изработена во насока на усогласување на домашната регулативата со барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување МСФИ 9, како и со одредбите од европските стандарди донесени од страна на Европскиот банкарски орган и Европската централна банка, пред сè во однос на дефинирањето на нефункционалните и реструктурираните кредитни изложености.

Ваквата одлука, велат од Народна банка, ќе се применува од 1 јули следната година.

Спонзорирано: