9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Курто Дудуш: Дали требаше да набавиме влечни коњски коли место службени возила?

Општина Шуто Оризари замени два стари модели на автомобили за две исти возила. Двете возила беа во лоша состојба и неподобни за вршење на секојдневните активности на градоначалникот и вработените кои вршат и теренска работа, се вели во соопштението на Курто Дудуш, градоначалник на општина Шуто Оризари по информациите кои се појавија во јавноста дека се набавени службени возила од страна на општина Шуто Оризари, со 3Д светла.

Според Дудуш била спроведена законска, тендерска постапка и бил склучен договор за јавна набавка со Автонова ДОО за две возила со цена во висина од 14.000 евра и второто возило во висина од 18.000 евра. Договорот предвидува исплата на возилата на лизинг период. Овие средства се предвидени во буџетот за 2018 година. Буџетот на општината е секако транспарентен и јавно достапен документ, се вели во соопштението.

Во него се додава дека возилата не поседуваат дополнителни опреми и 3Д светла како што наведуваат некои од медиумите.

,,Се прашуваме и Ве прашуваме вас почитувани медиуми, каква одлука требаше да донесе градоначалникот за да истата не биде “скандалозна и вредна за жолт печат”? Дали требаше да се набават влечни коњски коли со кои не прикажувате Вие кога говорите за некое Ромско прашање? Дали и по цена на вршењето на секојдневните работни обврски вработените треба да останат без службено возило? Дали требаше да се доведе во прашање безбедноста на вработените и градоначалникот возејќи неисправни службени возила?

И каде лежи скандалозноста на одлуката да се набават автомобили од средна класа, погодни за градски сообраќај и теренска работа?”, се вели во реакцијата на градоначалникот.

Во неа се додава: ,,Ви препорачуваме, на медиумите кои ја објавија во извртена форма веста, но и на останатите медиуми, почнете да работите професионално кога сакате да пренесете вест поврзана со Ромите и воопшто со општина Шуто Оризари. На 2 Август градоначалникот јавно поддржа и излезе на мировен протест по повод Геноцидот на Ромите во Втората светска војна и случувањата со убиства и прогони на Роми во Италија. Уредно повикани медиуми, освен еден медиум никој од останатите 100-тина не се појави.

Денес во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа комеморација за гореспоменатиот ден под покровителство на Министер без ресор, Ром. Ниту еден медиум не го проследи, од над 100- тина уредно поканети”, се додава во реакцијата на Курто Дудуш.

Спонзорирано: