23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Кампањата „На секое дете му треба семејство“ промовирана во Битола

Во Битола беше промовирана кампањата што ја реализираат Министерството за труд и социјална политика, Уницеф и СОС Детско село Македонија, а чија цел е да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов.

Градоначалничката Наташа Петровска, која ја поддржа оваа кампања, истакна дека локалната самоуправа ќе донесе одлуки со кои ќе им се овозможи на згрижувачките семејства да имаат услови со кои ќе може да одговорат на предизвикот.

„Овде сме за децата, за оние коишто се најсвети за нас, за оние за кои сме најмногу повикани. Длабоко во нас се крие една вистина – здрави генерации и иднина, а тоа се децата. Нив им е потребна топлина, љубов, грижа, посветеност, а за тоа треба дом. Ако зборуваме за дом и семејство, тогаш мора да има топлина и љубов, а ние ќе помогнеме од секаков аспект. Убедена сум дека локалната самоуправа, заедно со Советот на Општина Битола, ќе дадеме соодветна поддршка и помош за згрижувачките семејства“, рече Петровска.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, побара битолчани да ги отворат своите срца.

„Во Битола има само три згрижувачки семејства и едно во Демир Хисар. Битола ќе ја трансформираме затоа што сакаме до 2020 година да нема ниту едно дете на возраст од 0 до 3 години во институција. Во Битола има една таква институција, а секој од вас што живее тука кога поминува покрај таа институција чувствува неудобност, а најчесто чувството е сожалување. Преку деинституционализацијата, до 2020 година сите деца на возраст од 0 до 3 години ќе ги извлечеме од институциите и ќе ги сместиме во мали групни домови, згрижувачки семејства или друга форма на соодветно сместување“, посочи министерката Царовска.

На промотивниот настан говореа и претставникот на Уницеф во Македонија, Бенџамин Перкс, и директорот на ЈУМ ЦСР Битола, Томе Цветковски.

„Понесени од носталгијата за детството, сетете се на неколку убави спомени кои вредат злато во вашиот живот. Тие сеќавања нека ве поттикнат да подарите љубов, да станете згрижувач. Поради тоа и јас без двоумење ја давам таа љубов и грижа кон лице кое нема родители“, рече Роман Идиќ од Битола.

На настанот беше емитуван краток видеозапис за едно згрижувачко семејство од Скопје, кај кое веќе 5 години е сместено девојче, донесено од Домот за доенчиња во Битола. Со музички точки настанот го збогатија децата од групата Dancing Relaxes и музичарот Димитар Андоновски.

Спонзорирано: