20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Вучиќ: На видик нема ниту едно решение за Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во разговорите со претставниците на Србите на Косово рече дека Белград нема ниту едно решение за Косово.

„На видик немаме ниту едно решение. Се трудиме да пронајдеме заеднички именител. Нема да излезам со ништо во јавност во Белград сè додека не раговарам со вас, што добивте 80 отсто од гласовите, сите вие што на Косово и Метохија ми донесовте 85 отсто од гласовите“, рече Вучиќ за Радио-телевизија Србија. Тој додаде дека неговата изјава – ако не дојде до разграничување со Албанците, за 40 години Србија ќе мора да го брани Врање – била оптимитична.

„Таа изјава беше оптимистична, ќе дојдеме во таа ситуација за 20 години. Во Пржар, село недалеку од Врање, ги знам нивните (албанските) намери. Демографијата не е на наша страна. Тие се многу помотивирани од нас Србите да го штитат тоа што го сметаат за свое“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател кажа дека знае оти албанската страна нема да го заврши статутот на заедниците на српските општини до 4 август, како што ѝ ветила на Европската Унија.

„Ги знам јас нив, нема ништо од тоа. Тие сакаат да ни го продадат тоа како конечно решение. Да ја добиеме ЗСО“, рече Вучиќ.

Додаде дека Србија има шанса да не загуби сè, туку да добие нешто и дека на Србија никој не ѝ нуди поделба на Косово, ниту некој ќе ѝ ја даде.

„Нема да ни дадат поделба. Некои се исплашија на поделба по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон затоа што поддршката за Србија расте. Се исплашија кога видоа средби со рускиот претседател Владимир Путин, со претставници на САД, со германската канцеларка Ангела Меркел, со францускиот претседател, кој ми се чини дека добро ја разбра ситуацијата на Косово и Метохија“, рече Вучиќ.

На крајот, српскиот претседател рече дека во септември ќе ѝ се обрати на нацијата и дека ќе објави цитати на луѓе поврзани со странски разузнавачки служби.

Спонзорирано: