Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Иванов ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Обединетото Кралство и Саудиска Арабија

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во „Вила Билјана“ во Охрид ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и на Кралството Саудиска Арабија во Македонија.

На предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, претседателот Иванов оцени дека постои заеднички интерес за натамошно интензивирање на одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство и го потенцираше интересот на Македонија за интензивирање на економската соработка и размена.

„Оваа година Република Македонија одбележува 25 години од воспоставување дипломатски односи со Вашата земја. Од 1993 година, Македонија и Обединетото Кралство во континуитет градат пријателски релации, особено во контекст на британската поддршка и помош за Република Македонија и за нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО. Во оваа свечена пригода би сакал да истакнам дека граѓаните на Република Македонија се посебно благодарни за поддршката што Обединетото Кралство ја дава во остварувањето на македонските стратешки приоритети“, рече претседателот Иванов.

Амбасадорката Галовеј истакна дека Обединетото Кралство е долгогодишен и искрен партнер на Република Македонија и поддржувач на апсирациите на земјата за членство во Европската Унија и во НАТО.

„Западниот Балкан е значаен регион за Обединетото Кралство, што го покажавме со неодамнешниот самит во Лондон на којшто нашиот премиер беше домаќин. Ние ја зголемуваме нашата поддршка и за Македонија и за регионот со цел да ги поддржиме вашите напори за градење просперитет во безбедно и стабилно соседство. Успехот во овие области ќе биде од корист за Обединетото Кралство и за Европа како целина“, рече амбасадорката Галовеј.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија во Република Македонија, со седиште во Тирана, Абдулмомен бин Мохамед Шараф, македонскиот претседател го потенцираше интересот на Македонија за унапредување на севкупната соработка со Кралството Саудиска Арабија, особено во делот на економската соработка и трговската размена. Претседателот Иванов изрази уверување дека амбасадорот Шараф со своето дипломатско и професионално искуство ќе придонесе во развивањето на билатералните односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.