13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Илустрација
БИЗНИС

Страшно невреме во Македонија: Штетите огромни, ова се деталите

Невремето што вчера зафати повеќе населени места од Прилепско зад себе остави катастрофални последици. Огромни се штетите на земјоделските површини во атарот на селата Мало и Големо Коњари, Кадино Село, Галичани, населбата Варош и повеќе други населени места. Сепак, под налетот на стихијата најтешки се последиците во Мало и Големо Коњари, каде што речиси 100 отсто се уништени земјоделските производи.

На површина од 600 хектари речиси целосно се уништени насадите со тутун, пиперки, пченка и жито. Жителите од овој дел на Прилепското Поле велат дека во последните 25 години не паметат вакво невреме. Нагласуваат дека штетите на земјоделските производи се 100 отсто и бараат најбргу што може Комисијата за утврдување на настанатите штети да излезе на терен. Очекуваат помош од државата, во спротивно, како што велат, ќе биде доведена во прашање нивната егзистенција. Покрај тоа, поучени од искуствата во годините наназад, земјоделците се плашат дека повторно може да бидат изиграни и да не ги добијат парите од проценетета штета.

„Во 2010 година град ми го уништи родот на површина од 10 хектари посеани со пченица. Дојде комисија на терен, но ништо од тоа. И ден-денеска ги чувам документите, не добив никакво обесштетување. Сакам да кажам, да не остане и ова само на збор. Овој народ овде живее само од земјоделство. Не сме ние поединци, имаме семејства, имаме деца што студираат на факултет. Од ова живееме, од ова егзистираме. Ве замолуваме како градоначалник сериозно да биде сфатена работата“, рече Тони Петкоски, еден од земјоделците од Мало Коњари кои претрпеа големи штети.

И во Големо Коњари сликата е идентична. Жителите кажуваат дека невремето сè им собрало, а градот со големина на орев, освен што ги уништил тутунот и другите земјоделски култури, направил штета врз покривите на куќите, а настрадале и поголем број домашни птици, пајки и кокошки.

По увидот на терен и затечената катастрофална слика, градоначалникот Илија Јованоски рече дека штетите се огромни. Истакна дека Прилеп и тој како градоначалник на проблемот ќе му пристапат максимално сериозно и ќе направат сè што е во нивна надлежност земјоделците да ја добијат неопходната помош. На земјоделците им порача дека средствата ќе бидат правилно распределени.

„Ги разгледавме штетите во атарите на Мало и Големо Коњари и навистина ми е жал за тоа што го видовме. Штетите на земјоделските производи се огромни. Оштетени се повеќе од 600 хектари и оштетувањето е максимално, 100 процентно. Ќе направиме сè што е во наша надлежност да се добијат што поголеми средства за штетата. За таа цел, апелирам до сите вас, да поднесете барање до Општина Прилеп, со кое, покрај личната карта и трансакциската сметка, ќе доставите и имотен лист. Доколку го немате, со двајца сведоци потпишани на нотар, ќе дадете изјава дека е тоа ваша нива за да може комисијата да ја определи штетата, а сите нотарски трошоци ќе ги плати Општина Прилеп. Ве уверувам дека нема потреба никој да стравува оти ќе добие помалку од утврдената штета. Ќе побараме од водостопанството да ве ослободи од трошоците за наводнување. Ќе разговарам со министерот за земјоделство и ќе му укажам дека штетите се толку големи што треба да биде прогласена елементарна непогода“, рече Јованоски на средбата со жителите од Мало и Големо Коњари.

Заедно со градоначалникот во посета на погоденото подрачје беа и раководителот на подрачната единица за земјоделство, Зоран Пачешкоски, и претседателот на Комисијата за процена на штетите од елементарните непогоди при Советот на Општина Прилеп, Жарко Северкоски.

Пачешкоски рече дека Комисијата за утврдување на штетите е веќе излезена на терен и побара од земјоделците веќе од утре во Општина Прилеп да доставуваат барања, имотен лист од нивите и копии од трансакциска сметка и лична карта.

Градоначалникот Јованоски се сретна и со тутунопроизводителите од населбата Варош, каде што вчерашното невреме исто така им нанесе огромни штети на површините засадени со тутун.

Инаку, ова е вторпат во овој месец силно невреме да зафати дел од Прилепското Поле. Според информациите од Комисијата за процена на штетите формирана по првото невреме што се случи на 9.7.2018 година, досега до Општина Прилеп се доставени 105 барања за обесштетување на земјоделците.

Спонзорирано: