9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Спутник“: Приштина ќе добие препорака за визна либерализација – за некои успех, за други утешна награда

Косово добива само препорака за визна либерализација, и тоа поради залагањето на САД и заканата на косовските политичари дека ќе се откажат од дијалогот со Белград.

Како што наведе „Спутник“, косовските лидери Хашим Тачи и Рамуш Харадинај се уверени дека Европската комисија в четврток ќе објави позитивна препорака за добивање визна либерализација за Косово, а веста би требало да ја соопшти Димитрис Аврамопоулос, европскиот комесар за миграција, кој дента ќе го посети Косово.

Визната либерализација е ветена како подарок по ратификацијата на договорот за демаркација на границата со Црна Гора, наведе „Спутник“ и додаде дека косовските официјални лица најавиле дека доколку ЕК не го испочитува договореното, тие нема да се појават на преговорите со Белград, кои се случуваат денеска.

Иако медиумите во Приштина овој потег на ЕУ го толкуваат како победа и чекор кон признавањето на Косово, Душан Јањиќ од „Форумот за етнички односи“ цели дека е во прашање само препорака и еден вид охрабрување за Приштина, а никако награда за заслуги.

„В четврток нема да биде донесена одлука за воведување визна либерализација, туку за напредок на патот кон таа цел. Ќе се констатира дека се исполнети првите услови, но ќе се постават и неколку практични услови за понатаму. Визната либерализација на Косово би можела да се очекува дури следната година. Тоа е еден вид охрабрување за Приштина, за да пристапи кон понатамошни разговори со Србија за нормализација на односите, формирање на ЗСО и понатамошните преговори за членство во Унијата“, објаснува тој.

Харадинај, инаку ја повика Америка да ургира околу визната либерализација во Брисел бидејќи, како што рече, Приштина го исполнила својот дел од договорот, додека ЕУ сè уште не го направила тоа, потсети „Спутник“.