13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Град Скопје нема да ги отстрани столпчињата на тротоарите во Карпош за што граѓаните најавија протест

Заедниците на станари на зградите број 45 и 47 на булеварот Партизански одреди во општина Карпош за денеска најавија протест со блокирање на булеварот поради поставувањето столпчиња на тротоарите од страна на Град Скопје. Од Градот, пак, велат дека овие станари досега непрописно ги паркирале сопствените возила блокирајќи го просторот предвиден за пешаци и велосипеди.

„Град Скопје ги поставува столпчињата со цел да го спречи непрописното паркирање на возилата на површини предвидени за пешаци и велосипеди. Со заедниците на станари на овие две згради одржани се повеќе средби во последните неколку месеци со цел да се изнајде решение за проблемот со паркинг-просторот со кој се соочуваат. Станарите изразија подготвеност да престанат да се паркираат непрописно доколку им се обезбеди паркинг во согласност со прописите“, велат од Град Скопје.

На станарите на овие згради, како што се наведува, им било понудено на трошок на Градот да се изгради паркинг на местото на гаражите зад овие згради, кои зафаќаат многу простор, а се користат како магацински простории.

„Дополнително, им беше понуден бесплатен паркинг кај Универзалната сала како период на адаптација до изградбата на новиот паркинг. Предлогот за изградба на паркинг на местото на гаражите сè уште не е прифатен, но, за жал, друго алтернативно решение не постои. Град Скопје со поставување столпчиња во последните 6 месеци ослободи простор за пешаци и велосипеди во должина поголема од 3.000 метри, при што секогаш се водеше сметка да им се обезбедат алтернативни можности за паркирање на засегнатите станари од околните објекти“, се додава во соопштението на Градот.

Град Скопје најави дека нема намера да отстапи од идејата за ослободување од возила на просторите предвидени за пешачки и велосипедски сообраќај и во таа насока ќе продолжи да поставува столпчиња секаде каде што ваквиот простор е узурпиран.

Спонзорирано: