18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Град Скопје: Кабастиот отпад оставете го бесплатно во центрите во Карпош, Вардариште и во Шуто Оризари

Граѓаните својот кабаст отпад со сопствен превоз може бесплатно да го одложат во центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, како и во претоварната станица во Шуто Оризари.

За оваа услуга и за активностите за подобрување на јавната хигиена на денешната прес-конференција зборуваа директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, и раководителот на секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски.

„Сакаме да ги потсетиме граѓаните и правните субјекти дека Законот за јавната чистота на Република Македонија забранува кабастиот отпад и градежниот шут да се одлагаат во садовите за отпад, како и на јавните површини. За секое прекршување на овој закон предвидени се санкции што ги спроведуваат инспекциските служби на Град Скопје и на општините. Затоа, апелираме граѓаните да ги почитуваат термините за одлагање на отпадот и комуналниот отпад да го фрлаат само во садовите за таа намена. Својот кабаст отпад – застарен мебел, електронски и електричен отпад – со сопствен превоз може да го одложат во центрите за селекција на отпадот во Карпош и Вардариште или во претоварната станица што се наоѓа во Шуто Оризари, каде што ЈП „Комунална хигиена“ им нуди можност да го одложат без никаков паричен надомест. Центрите за селекција работат од 7 до 19 часот“, рече Шабани.

Доколку граѓаните имаат потреба одлагањето да се изврши со специјалните возила на претпријатието, услугата може да ја побараат на бесплатната телефонска линија 0800 22233 во ЈП „Комунална хигиена“.

Раководителот на секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска објасни дека градскиот инспекторат ја почна реорганизацијата на својата работа и дека ќе настапува здружено со капацитетите на скопските општини за во иднина да се засилат контролите на терен во однос на одлагањето на отпадот.

„Активно соработуваме со екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ и веќе ги забележавме црните точки и дивите депонии во градот. На нашите инспектори и на комуналните редари од голема помош ќе им бидат и два дрона што ќе им овозможат подобар увид на теренот. На граѓаните им овозможуваме места за одлагање на својот отпад и апелираме сите забележани нерегуларности да ги пријават во Инспекторатот. Инспекторатот на Град Скопје е алатка на граѓаните преку која може да си ги остварат своите права. Покрај нашето дејствување во областа на комуналната хигиена, веќе спроведуваме активности и за ослободување на јавните површини од пречките што го оневозможуваат движењето на пешаците и на велосипедистите. Ќе ги преземеме сите мерки Скопје да заличи на вистинска метропола и да се воведе ред“, нагласи Богдановски.

Спонзорирано: