4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

МВР за случајот „Саздовски“: Две лица се притворени, а по третото се трага

Министерството за внатрешни работи се огласи по повод обвинувањата за случајот со убиството на Никола Саздовски – Саздо коментирајќи дека две лица, прво и второпријавениот, се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор, а преземени се мерки и активности за пронаоѓање на третообвинетиот.

„МВР ја потсетува јавноста дека случајот од 29.6.2018 е расчистен, а за тоа соодветно ја информиравме и јавноста. Ги отфрламе сите злонамерни дезинформации на поединци и неодговорни политички партии кои ја злоупотребуваат смртта на момчето. Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје, кои на 29.6.2018 година околу 17:30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар Александар Македонски го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во клинички центар ‘Мајка Тереза’“ Скопје“, вели МВР.

Министерството појасни и дека целокупниот доказен материјал е предаден на надлежното јавно обвинителство и овој случај е во надлежност на ОЈО Скопје, чија надлежност е и преквалификацијата на делото.

„МВР работи по закон, пред кој сите се еднакви и никој не е, ниту ќе биде привилегиран. Ги штитиме граѓаните и стоиме на страната на правдата. Апелираме уште еднаш политичките партии, медиумите и другите општествени чинители да се однесуваат одговорно и да не поттикнуваат говор на омраза и да дадат простор на институциите да си ја завршат работата“, се вели во реакцијата на Министерството за внатрешни работи.

Опозицијата претходно обвини дека МВР трет ден молчи за деталите за случајот и побара оставка од министерот Оливер Спасовски. Обвинувања на адресата на МВР пристинаа и од политичката партија „Левица“.