19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ивона Талевска со нов неочекуван потег

Уредничката на ТВ Сител, Ивона Талевска, денеска беше назначена за нова претседателка на Македонската асоцијација на новинари и најави дека ќе се залага за стандарди во новинарството, правна и социјална заштита. Талевска вели дека ќе се залага за независен јавен сервис, а истовремено ќе го чисти пазарот од, како што рече, надри портали, кои го уништувале стандардот во новинарството, а го ситнеле и маркетинг-колачот.

Како претседателка на МАН, Ивона Талевска преку здружението ќе се залагала и за воведување минимална плата кај новинарите и медиумските работници, како и за дополнително осигурување за репортерите, новинарите и снимателите.

Талевска ова го кажа откако беше свикано вонредно собрание на Македонската асоцијација на новинари поради поднесената оставка од страна на старото раководство меѓу коишто беа, како генерален секретар Драган Павловиќ Латас, а претседател Слаѓана Димишкова. Според информациите, оставките се од лични причини.

За нов генерален секретар е избран Александар Михаилов, од порталот весник.мк. Цветин Чилиманов е избран за потпретседател, заедно со Ѓеорги Какашевски. Присутни на гласањето беа 22 членови на МАН со што според новата претседателка, Ивона Талевска, имало кворум за избор на ново претседателство.

Сите одлуки беа едногласно изгласани, а единствена забелешка имаше Љупчо Златев, кој кажа дека треба да се разгледа оставката на Латас и да се разговара со него бидејќи, според Златев, тој најдобро го водел ова здружение.

Спонзорирано: