10.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ФАО и Македонија потпишаа тригодишен договор за соработка

Зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини преку одржлив рурален развој, како и одржливо управување со природните ресурси и справување со климатските промени, се главните приоритетни области на тригодишниот договор за соработка што се потпиша помеѓу ФАО и Република Македонија.

Програмската рамка на ФАО за Македонија за периодот 2018-2020 година ја потпишаа во Скопје министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и Владимир Рахманин, помошник-генерален директор на ФАО и регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија.

„Приоритетните области на договорот се во согласност со приоритетите на земјата во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020, а во насока на поддршка на земјата за напредок и усогласување на земјоделството и руралниот развој согласно барањата за пристап кон Европската Унија, и исполување на Целите за одржлив развој”, истакна Ракхманин, според кој договорот ги спојува потребите и приоритетите на земјата со експертизата и искуството на ФАО и особено придонесува за одржлив и сеопфатен раст на малите земјоделци и семејните фарми, подобрена безбедност и квалитет на храната, одржливо и поотпорно земјоделство и силен институционален капацитет.

Земјоделството и производството на храна играат витална улога во македонската економија, учествувајќи со 16 отсто во бруто домашниот производ и вработувајќи повеќе од една третина од работната сила. Поради големата расцепканост на земјоделското земјиште – едно земјоделско стопанство е, во просек, помало од 2 хектари – земјоделските стопанства се одликуваат со ниска продуктивност и конкурентност во споредба со другите земји во регионот.

Програмскиот документ ги адресира предизвиците со кои се соочуваат руралните заедници, вклучително ограничените инвестиции во земјоделска инфраструктура, стареењење на руралното население, отежнатиот пристап на земјоделците до пазарите, недостатокот на можности за диверзификација на приходите, ограниченото знаење за одржливи земјоделски практики, деградацијата на земјиштето и изложеноста на климатските промени. Проектот на ФАО за интегриран развој на локалните заедници, кој ќе започне наскоро, ќе ги адресира овие области.

Преку тековниот проект финансиран од ЕУ – МАИНЛАНД, ФАО им помага на малите земјоделци и семејните фарми да ги надминат овие потешкотии, истовремено помагајќи му на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да развие целосно функционална национална програма за консолидација на земјиште.

Плановите од програмата, исто така, вклучуваат надградба на стандардите за безбедност на храна, квалитет и маркетинг во секторот за месо и млечни производи; подобро интегрирање на фармерите во вредносните синџири на производство на храна, со фокус на домашното бројлерско производство; и поддршка на земјата да ги намали загубите и отпадот од храна.

Поддршка на владините напори да се подобри земјоделското образование и советодавните услуги за земјоделците, е исто така дел од програмата, како и креирање и усогласување на политиките за земјоделство и рурален развој со меѓународните и стандардите на Европската унија.

Друг клучен приоритет на програмата на ФАО е зајакнување на способноста на земјата за одржливо управување со природните ресурси – вклучително водата, шумите и рибните ресурси – како и капацитетот за справување со климатските промени и намалување на ризикот од катастрофи во земјоделството.

Спонзорирано: