13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тевдовски: Од победниците на Фин Хакатон до есен очекуваме финални производи

Граѓаните до есен ќе добијат финален производ – веб апликација, видео и мултимедијална игра за Граѓански буџет од решенијата кои победија на Фин Хакатонот. По изборот на победниците, министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека очекува од нив да направат готов производ со кој ќе се доближи Буџетот на РМ и јавните финансии до граѓаните.

Како што истакна министерот за финансии Тевдовски, придобивки од Фин Хакатонот имаат и граѓаните и учесниците. Граѓаните преку перспективата на учесниците добиваат алатки со кои имаат подобар пристап и подобра контрола над јавните финансии. Сите натпреварувачи, рече министерот, добија одлична можност за промоција, додека победниците делат награден фонд од 1,5 милиони денари и имаат можност да започнат сопствен бизнис.

-Овие млади и талентирани луѓе работеа 48 часа без престан во Министерството за финансии. Горди сме што на Фин Хакатонот дојдоа луѓе кои се способни за многу краток период, практично за еден викенд да создадат нови и иновативни производи, кои се воедно и многу креативни. Останува тие да се доразвијат до финални производи. Сепак, според енергијата која ја имаат тимовите цврсто сме убедени дека тие ќе успеат тоа да го направат – рече министерот за финансии Драган Тевдовски по прогласување на победниците.

На Фин Хакатонот победија два тима. Тимот составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска Стојановски и Георги Михаилов имаа најдобра видео и мултимедијална игра. Најдобра веб апликација пак, понуди тимот составен од Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Столеска, Александар Трпески и Александар Бакo Марковски.

Фин Хакатонот е организиран од Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој. Целта беше во ограничен временски период од 48 часа во Министерството за финансии млади луѓе да креираат алатки за Граѓанскиот буџет.

Спонзорирано: