11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Китанов: Во првата половина на 2018 реализирани речиси 3,5 милиони евра повеќе капитални инвестиции од лани

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, ги презентираше остварените инвестиции на претпријатието за првите 6 месеци од годинава.

„Во интерес на граѓаните, целта на ЈПДП и на Владата е да се реализираат програмските одредници ‘Македонија без црни точки’ и инфраструктурно поврзување кое ќе овозможи пристигнување од еден до друг град за помалку од 90 минути. ЈП за државни патишта во вториот квартал од 2018 година има остварено инвестиции во вкупен износ од 2.217.070.250 денари или 36 милиони евра, што е за 9.770.127 евра повеќе во споредба со минатата година, или зголемување од 37%“ рече Китанов.

Споредбено за првото полугодие од 2018 година, како што вели Китанов, во однос на првото полугодие од 2017 година, ЈП за државни патишта има реализација на инвестиции за 6,82% повеќе, или 3,43 милиони евра повеќе реализирани инвестиции. Тој појасни дека овие средства се обезбедени од кредити од меѓународни финансиски институции, како и од сопствени средства на ЈП за државни патишта.

За 2018 година се обезбедени вкупно 270 милиони евра за изградба на нови патишта, за реконструкција, рехабилитација и за обнова на повеќе од 60 патни правци ширум Македонија во должина од околу 800 километри. Дел од овие средства се од државниот и од буџетот на ЈПДП, а дел се обезбедени преку заем од Светска банка, ЕБОР и ИПА2.

„Со околу 20 милиони евра, буџетски средства и со средства на ЈПДП, веќе се работи на рехабилитација на регионални патишта во должина од 230 километри. Со 86 милиони евра средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој се планира рехабилитација на 26 патни правци во должина од 422 км. Со 14 милиони евра од Светска банка се работи на рехабилитација на 13 патни правци во должина од околу 150 км“, додаде директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Дел од проектите, како што рече Китанов, ќе бидат завршени до крајот на 2018, а оние чија изградба ќе почне годинава, се очекува да бидат комплетирани во текот на следните неколку години.

Китанов, исто така, информираше и за приходот од патарините, кој во првото полугодие од 2018 е поголем за 54 милиони денари споредбено со истиот период лани. Китанов рече дека тоа е поради зголемениот обем на сообраќај, но и како резултат на подобрата организираност. Притоа потенцирајќи дека на Коридорот 10 првично ќе почне електронската наплата на патарините.

Спонзорирано: