3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Со проект на Град Скопје и УНДП ќе се подобрува квалитетот на воздухот и состојбата со зеленилото

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, потпишаа договор за реализација на проект за справување со климатските промени.

Со проектот наречен „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени” се предвидуваат активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштитата од климатските промени и зголемување на отпорноста на Скопје, но и активности за воведување иновативни пристапи во секојдневната работа и поефикасни услуги за граѓаните.

„Со потпишувањето на овој договор Градот Скопје се обврзува да обезбеди подобра животна средина, да ја штитиме природата и биодиверзитетот во градот и во околината, да ги подобриме условите за живот, да преземеме активности за справување со климатските промени и да ги вклучуваме граѓаните во носењето на одлуките и следејќи ги нивните потреби да обезбедиме подобар живот за сите“, кажа Шилегов.

Скопскиот градоначалник додаде дека дел од определбите на договорот се преземање на конкретни активности за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, но и зафати за подобрување на зеленилото во Градот.

„Длабоко сме свесни за значењето на зеленилото од сите аспекти, ги предвидуваме сите потребни мерки за негова заштита. Наша цел е преку интензивно зазеленување на делови од градот да го надоместиме изгубеното зеленило, како и на дополнување на оние локации каде што истото постои. Оваа година Градот Скопје има предвидено засадување на 10.000 нови висококвалитетни листопадни, како и над 2 000 зимзелени садници на територијата на Скопје. Дополнително, преземаме конкретни активности за изградба на зелен кров во Градскиот трговски центар, се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги завршиме сите административни процедури и од наредната година би почнала неговата реализација“, додаде Шилегов.

Постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Винтон изјави дека со овој договор се продолжува и интензивира соработката со Градот Скопје, која изминативе неколку години резултира со изработката на поголем број студии, стратегии, како и отворањето на Центар за иновации на Град Скопје, „Скопје Лаб“.