15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Човештвото би можело да остане без банани

Дивата банана, која го содржи генетскиот клуч за заштита на бананите кои се консумираат ширум светот, е ставена на листата на видови на кои им се заканува изумирање, јави Би-би-си.

Оваа дива банана со официјално име Ensete perrieri може да се пронајде само на Мадагаскар, а таму во дивината виреат само уште пет стебла од ова растение. Според информациите, растението е ставено на официјалната црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата.

Ова, се разбира, е лоша вест за љубителите на банани бидејќи научниците веруваат дека само Ensete perrieri ја содржи тајната која треба навреме да се дешифрира доколку човештвото и натаму сака да уживава во плодови од бананите познати под името Cavendish, кои се подложни на габичен паразит наречен Панамска болест.

Бананите се особено деликатни поради фактот што тие се репродуцираат со клонирање, што значи дека инфекцијата може многу брзо да се прошири од едно растение на цела популација.

Поради оваа опасност, генетичарите се обидуваат да создадат нови сорти банани кои би биле вкусни за јадење, а во исто време доволно отпорни на штетници.

Токму тука во приказната влегува дивата банана од Мадагаскар, која еволуирала на островот и поради тоа била изолирана од другите видови банани. Покрај тоа, Ensete perrieri веројатно има вродена отпорност на болести и суша, сметаат научниците.

Иако бананите засега се достапни ширум светот, а Панамската болест во моментов е ограничена само на Азија, во блиска иднина таа може да го прошири и да го истреби целиот вид.

Спонзорирано: