6.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ѓорѓиевски: Спасовски се пресметува со припадници на специјалните единици

СДСМ ја загрози државата на политички, економски, а сега ја доведува во опасност и на безбедносен план.

 


Без никаков респект и без никаква оправдана причина, министерот Оливер Спасовски се пресметува со припадници на специјалните единици. Се делат решенија на десетици припадници на Единицата за специјални задачи „Тигар” и припадници на Единицата за брзо распоредување кои учествувале во акциите во Диво Насеље и „Планинска бура”, но и низа други успешни полициски операции, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, професионалците кои при насилните протести за случајот „Монструм” ги штитеа судовите и другите институции сега се предмет на деградирање и шиканирање. „Надвор од законот и од системот на кариера, на овие обучени професионалци им се нудат решенија за пониски работни места и позиции за кои и не се неопходни нивните вештини. Доколку не прифатат, според информациите кои ги имаме следуваат закани со откази за нив. Дел од специјалците се префрлаат и со наредба на несоодветни места. Со ваквите потези, власта на СДСМ сериозно ја загрозува борбената готовност и капацитетот на полициските специјални единици“, вели тој.

Ѓорѓиевски додава дека овие специјалци се професионалци кои поминале разни обуки. Ова се професионалци кои учествувале во спасувачки мисии во регионот и секогаш биле на располагање во нашата земја. Во обуката на секој од нив се вложени десетици дури и стотици илјади евра.

„Спасовски и Заев сега одлучуваат со партиско-политичка одлука да ги девалвираат и префрлат во единица за службени кучиња или по куќарките од кои се обезбедуваат дипломатско-конзуларни претставништва.
Отворено се сомневаме дека единствената причина поради којашто Спасовски го прави сето ова е политичка. Не се во прашање никакви стандарди туку единствено задоволување на барањата на коалициските партнери и полнење на елитните единици по партиски клуч. Со поставување недоволно обучени и искусни полициски службеници во овие единици се загрозуваат животите и на сите други.
Најстрашно од сè е што постои сериозен ризик, цената на политичките пазарења со специјалните полициски единици да ја платат токму нашите граѓани со сопствената безбедност“, додава тој.

ВМРО-ДПМНЕ предупредува СДСМ да престане да си игра со безбедноста на граѓаните. Да ги остави професионалците без притисоци да ја извршуваат работата за којашто се обучени и за којашто имаат најголемо искуство. Тие се најмалку виновни за неспособноста на раководството на МВР и нивната коалиција со криминалот. Партијата ги повикува сите оние на коишто им треба правна помош да се обратат до телата на партијата. Сите случаи на злоупотреба се документираат и ќе бидат процесуирани.

Спонзорирано: