13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Дескоска: Нов модел на антикорупциска ослободена од секакви политички влијанија

Борбата со корупцијата е еден од стратешките приоритети на Владата и во таа насока се работи на закон за спречување на корупцијата, истакна министерката за правда Рената Дескоска, во Клубот на пратеници, каде се одржа Втората сесија на Работната група 3 – (Правосудство и основни права – Поглавје 23) од Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Механизми за ефективна борба против корупцијата“.

Дескоска рече дека една од задачите на работната група е да дефинира нов модел на антикорупциска комисија, која ќе биде експертска, ослободена од какви било политички влијанија и која ќе има ингеренции навистина да ја врши својата работа онака како што треба. Таа, исто така, се осврна и на реформите во судството, истакнувајќи притоа дека пред судството стојат две задачи: да се бори со корупцијата во другите органи, но и да се бори со корупцијата во своите редови.

„Корупцијата не е само примање парични надоместоци или подароци, корупцијата е отсуство на сите видови влијанија во носењето на одлуките и тоа е особено битно за судството, бидејќи кај нив е изрично пропишано дека мора да судат врз основа на Уставот и законите во Република Македонија, што, за жал, не секогаш беше случај во изминатиот период“, рече Дескоска.

Поранешната врховна судијка Милка Ристова посочи дека и судските реформи се важен елемент за интегрирање на земјата во европските структури. Таа како еден од механизмите за ефективна бора против корупцијата го предлага јакнењето на интегритетот на судиите и јавните обвинители „за да се освестат дека тие се над власта и да не им влијаат притисоците“.

„Ние во постојното законодавство, под антикорупциски и кривични дела ги сметаме само тие што значат примање директен поткуп, а исто така, во вид на корист, но дејствија кои се суптилни, кои значат политичко или друг вид влијание не се опфатени во политичкиот прогон. Телефонските јавувања и притисоците на судот, дали од политички мотив, роднински или друг вид на мотиви засега не можат да бидат опфатени во системот на правна одговорност за овој вид дејствија, а тие и тоа како имаат влијание“, изјави Милка Ристова.

Учесниците на сесијата се согласија дека механизмите што беа предложени на денешната дебата треба час поскоро да се имплеменираат во легислативата и да почнат да се применуваат во практиката во борбата против корупцијата.

Националната конвенција за Европска унија (НКЕУ) во Република Македонија, всушност, дејствува како отворен и континуиран форум за постигнување поширок општествен консензус за прашања поврзани со пристапувањето на Република Македонија кон Европската унија. НКЕУ најпрво беше применета во Република Словачка како модел на мобилизација на стручната јавност во забрзувањето на евроинтеграцискиот процес, а денес успешно се применува и во повеќето држави од нашето соседство како Србија, Црна Гора и Албанија. Својата работа во Република Македонија НКЕУ ја почна на 11-ти ноември 2017 година со одржувањето на првата, конститутивна, пленарна конференција.

Главната цел на НКЕУ-ЕУ е зголемување на интегративните капацитети на општеството преку дијалог за витални теми и барање решенија, препораки и мерки во духот на европската легислатива и европските практики.

Спонзорирано: