3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
televizija
СВЕТ

Русија се заканува дека ќе ги забрани Франс 24 и Дојче веле

Русија се заканува дека може да им ги одземе руските дозволи за работа на телевизискиот канал Франс 24 и на германската медиумска куќа Дојче веле поради кршење на рускиот медиумски закон. Руската агенција „Роскомнадзор“ го соопшти тоа веднаш откако француската агенција за контрола на медиумите упати остар приговор до рускиот сателитски ТВ канал РТ поради „некоректниот“ извештај за наводни напади со хемиско оружје во Сирија.
Француската агенција соопшти дека преводот на коментарите од Сиријците, кој го емитувал РТ Франс, не бил точен. РТ Франс во соопштение ја призна својата грешка во преводот на коментарите на сирискиот очевидец на француски јазик, но истакна дека тоа била само техничка грешка која во меѓувреме е исправена. „Роскомнадзор“ смета дека содржината која ја емитува Франс 24 е под контрола на странски правен ентитет, со што е прекршен рускиот закон од 2015 година, според кој странските ентитети не можат да контролираат повеќе од 20 отсто медиуми кои емитуваат програма во Русија. Руската агенција би можела од судот да побара на рускиот ентитет Медиумски комуникации да му се одземе лиценцата за емитување програми на Франс 24 во Русија.
Одборот на Горниот дом на рускиот парламент соопшти дека ќе побара од „регулаторните власти“ да испитаат како германската медиумска куќа Дојче веле го почитува рускиот закон, во спротивно би можело да му се одземе лиценцата за работа. Според портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, Дојче веле објавил „навредливи“ текстови на социјалните мрежи.