9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

(Видео) Димитров вети преговори со ЕУ, а добивме само грчка салата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Неспособноста во дипломатијата не се покрива со домати. Домат-дипломатијата ѝ прави штета на Македонија, рече денеска на прес-конференција пред Министерството за надворешни работи, Филип Ѓорѓиев од ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на ветувањето на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дека сите земји кои ќе поддржат почеток на преговори на Македонија со ЕУ ќе добијат пакет домати.

Притоа Ѓорѓиев истакна дека скапале доматите од годинашната реколта, а Заев и Димитров сепак не успеале да испорачаат реформи за преговори со ЕУ.

„ЕУ бара резултати, а не препродавачи на име и домати. Домат-дипломатијата на Димитров го доживеа својот дебакл. Доматите кои требаше да патуваат во ЕУ остануваат скапани за Димитров и Заев. Ќе скапуваат уште најмалку година и пол, а со неспособната и расипничка власт загрозени се и наредните реколти“, кажа Ѓорѓиев и додаде дека не само што не може криминалот и корупцијата да ги покријат со трудот на земјоделците туку не им помогнал ни обидот заедно со доматите да го понудат македонското име и идентитет.

„Господине Димитров, младите немаат ама баш никаква корист од вашата домат-дипломатија. Македонија останува закопана и обезличена поради вашата неспособност која ја компензирате со крајна несериозност. Знаеме дека не сте се мрднале од скапите фотелји за да ја видите маката на земјоделците, да произведат гајба домати и дека мува не ве лази дали и во наредната година тие ќе имаат пласман или ќе ги продаваат по рекордно ниски цени кои не ги покриваат ниту трошоците на производство“, беше кажано на пресот пред МНР.

Ветивте почеток на преговорите, а ни донесовте само грчка салата платена со името Република Македонија, кажа Ѓорѓиев.

„Наместо вие да се подбивате со државата и да нудите домати за членство во ЕУ, ние ви купивме домати и ви ги оставивме само да си заминете и да престанете да ѝ правите штета на државата. Ви посакуваме успех во натамошната кариера која се надеваме дека ќе ја продолжите како раководител на производство на туршија во ‘Мамас’ кај Заеви“, кажа претставникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.