11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов со потег кој никој не го очекуваше

Кабинетот на претседателот на Република Македонија нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки“, се вели во реакцијата од Кабинетот на Иванов, по соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој обвини дека Иванов не ја прифаќа алатката за отчетност, со што не сака да открие каде ги троши парите на граѓаните.

„Во Македонија постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции. Претседателот Иванов до сега ги почитувал и во целост ги исполнувал пропишаните законски регулативи. Кабинетот на претседателот на Република Македонија и понатаму, како и досега, ќе продолжи со транспарентно и отчетно раководење со доверениот буџет, што го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија“, се нагласува во соопштението.

Од Кабинетот додаваат дека за нив е нејасно на кој начин може Роберт Поповски, кој е министер без ресор, да наложува и бара од институцијата Кабинет на претседател на Република Македонија да прифати вакви мерки, за кои веќе постојат механизми во Македонија, освен ако не се работи за популизам, што за Кабинетот на претседателот е неприфатливо.

„Сметаме дека сè што треба да се направи е да се почитуваат и спроведуваат постоечките прописи. Во контекст на ова, говори и извештајот на Центарот за економски анализи каде се посочува дека софтверската алатка не функционира и нема никакви податоци по 2017 година, со што индикативно е дека фискалната транспарентност е под ризик и дека е сфатена палијативно и кампањски, а не како трајна определба како ефикасна алатка кон поголема отчетност од именуваните и избраните функционери“, соопшти Кабинетот.

Од друга страна, велат од Кабинетот на Иванов, јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата со Грција.

Спонзорирано: