20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕХНОЛОГИЈА

Процесот на воведување на 5G-интернет во фокусот на вториот јавен состанок на ААВМУ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) го одржа вториот јавен состанок годинава, на кој посебен акцент беше ставен на процесот за воведување на 5G-интернет во Република Македонија.

Игор Бојаџиев од Агенцијата за електронски комуникации, кој воедно е и претседател на работната група за утврдување мерки и активности потребни за воведување на 5G мобилна технологија во Република Македонија, подетално ги образложи моменталните инфраструктурни ресурси, важечките прописи, предлог-мерките и роковите за нивно завршување. Во оваа работна група, која ја формираше Министерството за информатичко општество и администрација, учествува и претставник од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Според утврдената динамика во 5G акцискиот план на Европската Унија, до 2020 година најмалку по еден голем град во земјите членки на Унијата треба да обезбеди 5G, додека до 2025 година да се обезбеди целосна покриеност на сите урбани населби, главни патишта и железници. Македонија како земја која се стреми кон Европската Унија кон крајот на 2017 година почна со подготовки за воведување на 5G и започна со подготовка на Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Македонија“, се наведува во соопштението на ААВМУ.

На состанокот, директорот на агенцијата, Зоран Трајчевски, исто така ги презентираше реализираните активности согласно со Годишната програма за работа во изминатото тримесечје. Тој направи пресек на спроведените надзори и изречените мерки – опомена врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање и издавачите на печатени медиуми.

Подробно беше образложен и ангажманот на Агенцијата во справување со говорот на омраза и поттикнување родова еднаквост, како активностите на полето на меѓународна соработка и во рамки на процесот на европска интеграција.

Спонзорирано: