20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

(Видео) Владин економски тим на средба со германски инвеститори во Франкфурт

Делегација на Владата предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, оствари работен ручек со претставници на големи германски компании, бизнисмени и стопански комори.


На работниот ручек во Франкфурт присуствуваа и министрите за финансии, за економија и за здравство, Драган Тевдовски, Крешник Бектеши и Венко Филипче, како и Александар Младеновски, директор на ДТИРЗ.

Министрите од Владата на компаниите им ги презентираа можностите што ги нуди Македонија за потенцијалните инвеститори од Германија, како и планот за економски раст – новата транспарентна програма, која силно ги поддржува компаниите што сакаат да инвестираат во земјата. Некои од компаниите веќе инвестираат во Македонија, а други, како што рекоа министрите, размислуваат и се пред одлука да почнат свој бизнис во земјата.

„Инвеститорите покажаа интерес за 3 сегменти: државната помош, која оваа Влада ја направи транспарентна и за која Собранието го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Во исто време ги интересираа и стабилноста на државата и владеењето на правото и како ќе најдат млади, паметни и интелигентни луѓе кои ќе работат во нивните компании“, истакна Анѓушев.

Министрите ги уверија компаниите дека во сите сегменти постигнуваме резултати и дека Македонија е посакувана земја за странските инвеститори. „Ги поканивме компаниите да дојдат и да вложуваат во Македонија. Им ги претставивме нашите можности за инвестирање и многу сме задоволни од средбите со нив. Вакви работни посети планираме и во други држави“, потенцира министерот за економија, Крешник Бектеши.

Потенцирајќи дека посетата на економските министри овде во Франкфурт е поради големиот интерес на германските компании својот капитал да го насочат кон Македонија, министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека тоа е така бидејќи Република Македонија се движи во вистинска позитивна насока и има одлична фискална позиција. „Разговаравме на разни теми, од макроекономската стабилност, фискалната позиција и можности за водење бизнис, транспарентноста што ја правиме и што е препознаена од ЕУ, ММФ и Светската банка. Инвеститорите особено се интересираа за понудата на работна сила што ја има во Македонија. Истакнавме дека има можност компаниите да влезат во нашата земја, што ќе придонесе, од една страна, за развој на економијата и ќе се обезбеди пристојни плати“, додаде министерот за финансии, Тевдовски.

Економските министри на компаниите од Германија исто така им укажаа дека Македонија со чекорите што ги презема се етаблира како стабилна земја, отворена кон соседите и кон светот, земја што се гледа во ЕУ и НАТО. Во текот на денешниот ден министрите остварија и кратка средба со претставници на Дојче банк.

Во моментот околу 200 компании со германски капитал работат во Македонија и во нив има над 20 илјади вработени. Во периодот од јануари до март оваа година извозот од Македонија во Германија изнесува 643,2 милиони евра и претставува зголемување од 16 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Спонзорирано: