21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Мас најави силна поддршка од Германија за Македонија

Силна поддршка и лобирање кај Франција, Холандија и кај другите земји членки на ЕУ за одредување датум за почеток на преговорите за Македонија, најави шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, на средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

„Апсолутно сме подготвени да помогнеме. Денеска телефонски разговарав со мојот холандски колега, а следната недела ќе се одржат германско-француски владини консултации. Но, ние и досега имавме разговори со француските колеги. Знаеме дека таму има задршки“, изјави Мас.

Германскиот министер порача дека добивањето датум не мора да оди во пакет со Албанија за која има далеку поголеми задршки не само во Париз туку и во Берлин.

„Македонија не може да биде колатерална штета доколку во ЕУ нема подготвеност да ѝ се даде датум за почеток на преговорите на Албанија“, истакна Мас.

Димитров ѝ изрази благодарност на Германија за поддршката порачувајќи дека тоа е земја во која Македонија гледа столб на Европа, базирана на принципи, каде што владеат меѓународното право и правилата.

„Македонија живее историски денови, недели и месеци. На добар пат сме да затвориме еден спор, кој беше како камен и ни го отежнуваше прогресот и нè заклучи во чекалницата каде што поминавме доста многу години. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 год. Оваа година добивме 9-та препорака од Европската комисија дека сме спремни да започнеме (н.з. со преговорите). Ова чекање создаде и кризи, меѓутоа, како што велат, ‘никогаш не пропуштај добра криза’, научивме и добри лекции“, изјави Димитров.

Димитров изрази увереност дека граѓаните мора да добијат шанса да се изјаснат за компромисот на референдум и рече дека е уверен оти тие ќе го направат вистинскиот избор.

За време на посетата Димитров се сретна и со државниот министер за Европа, Михаел Рот, советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Јан Хекер, и пратеникот и претседател на пратеничката група за ЈИЕ, Јосип Јуратовиќ.

Спонзорирано: