10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев, Тевдовски и Анѓушев ги полнат своите џебови и купија сѐ што можеше да се купи во државата

Зоран Заев повторно најави зголемување на даноците. Ова е јасно признание за економската катастрофа што ѝ се случува на Македонија, реагиаат денеска од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму додаваат дека ова е уште една одлука на Заев да им стави рака во џеб на граѓаните и да им собере пари за да ги покрие расипништвото и неспособноста.

„Зоран Заев е најопасната елементарна непогода што ѝ се случила на Република Македонија. Неговите штети ги плаќаат граѓаните. Една година власт на СДСМ, една година повисоки цени и помали плати. Една година од црното економско трио Заев, Тевдовски, Анѓушев е една година без капитални инвестиции и напредок. Македонската економија стагнира како резултат на неспособноста на Владата на СДСМ, а граѓаните загубија една година од животот што им го вети СДСМ. Година во која економијата тоне, а криминалниот картел на власт ги брои милионите на своите сметки“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека растот на БДП за 2017 година е еднаков на нула, а ништо подобар не е ни во првиот квартал од новата година, период за кој тој, како што велат, изнесува катастрофални 0,1 проценти.

„Градежништвото, кое е моторот на економијата и е во тесна врска со уште 20 други индустриски гранки, бележи пад од 37 проценти. Македонија е на дното во регионот и Европа на полето на економијата. Додека целиот континент бележи значителен економски раст, македонската економија е пред колапс. Економиите на сите наши соседи бележат раст, а Владата на СДСМ и Заев и покрај катастрофалните резултати на економски план, продолжува со штетните економски политики“, велат од опозициската партија.

Како што наведуваат, триото погубно за македонската економија составено од Заев, Тевдовски и Анѓушев треба да ги симне розовите очила и да ја види сивата слика во македонската економија.

„Владата на Заев нема ниту капацитет ниту волја да се справи со реалните проблеми на граѓаните. Одговорност за катастрофалните резултати во економијата мора да има. Најодговорни за економското цунами се Заев, Тевдовски и Анѓушев. Додека тие ги полнат своите џебови и купија сè што можеше да се купи во државата, обичниот граѓанин е на работ на егзистенцијата. Оваа непогода во економијата мора што побргу да си замине. Македонија и граѓаните заслужуваат подобро“, стои во соопштението.

Спонзорирано: