13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев во Арачиново го означи почетокот на изградбата на новата општинска зграда

Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на одбележувањето на почетокот на изградбата на новата општинска зграда во Арачиново, финансирана со 260.000 евра обезбедени од Европската Унија и од буџетот на Република Македонија.

На настанот Заев истакна дека во 2018 ќе бидат вложени приближно 250 милиони евра во развој на општините.

„Во текот на 2018 Владата ќе вложи речиси 250 милиони евра во развој на општините, нивната економија и локалната инфраструктура. Тоа се големи, значајни средства, со што ќе обезбедиме дополнителен импулс за раст на нашата економија, БДП и за повеќе пари кај граѓаните“, рече Заев.

На настанот, на кој присуствуваа и говореа и евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за финансии, Драган Тевдовски, претставникот од Светска банка, Беким Имери, и градоначалничката на општина Арачиново, Миликије Халими, Заев посочи дека иако на само неколку километри од центарот на главниот град, граѓаните во Арачиново долго време биле оставени на маргините на општеството.

„Илустрација за тоа не е само бараката стара речиси 7 децении што се користи како општинска зграда, отсуството на канализација, за што јавноста е добро запознаена и за што говоревме интензивно во претходните години, како и на други елементарни услови за нормален живот на граѓаните. Затоа, уште тогаш јасно и недвосмислено кажавме дека наш приоритет е подобар живот за сите граѓани“, нагласи претседателот на Владата, кој рече дека изградбата на оваа зграда е само една од многуте капитални инвестиции што почнуваат годинава.

„Со активирање на проектите, дел од нив закочен со години, ќе придонесеме за сериозно унапредување на квалитетот на животот во руралните и помалите општини, кои ја заслужуваат поддршката од Владата“, истакна Заев, кој додаде дека во Арачиново досега е направена реконструкција на училиштата, реконструирани се муслиманските и христијанските гробишта, а се работи и на проектната документација за канализацијата и на трајно решавање на проблемот со водата за пиење. Освен тоа, премиерот истакна дека во моментот се работи на урбанистички план за нова голема странска инвестиција во Арачиново.

Инаку, по барање на Владата, Европската Унија се согласила да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата, изнесува 20.667 милиони евра.

Програмата ја спроведува Министерството за финансии, а ја администрира Светската банка. Средствата им се доделуваат на општините за подобрување на инфраструктурата во руралните области. Во рамките на програмата, Општина Арачиново доби право да користи ЕУ-грант од 195.000 евра за проектот „Изградба на општинска зграда Арачиново“, кој е кофинансиран од буџетот на РМ со 65.000 евра. Првичната вредност на проектот од 285.545 евра по спроведената јавна набавка е намалена на 241.975 евра, од кои 181.482 евра се финансирани од фондови на Европската Унија, а 60.493 евра од буџетот на РМ.

Спонзорирано: