17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: На жените ителектуалки ќе им дадеме можност за професионален развој и во периодот кога формираат семејство

Премиерот, Зоран Заев, денеска се обрати на втората меѓународна конференција „Жени во енергетиката“ при што истакна дека неговата Влада силно го поддржува вклучувањето на жените во оваа гранка.

„Правиме и ќе направиме сè што е потребно, за да ги насочиме младите жени, студентките, да се заинтересираат за енергетскиот сектор, да ги видат своите перспективи во него, да изберат ваков тип образование што им отвора можности“, рече Заев, кој своето обраќање го започна со еден пример:

„Кога ќе си речеме, не знам дали ова можам да го направам, тогаш давате се од себе и тогаш ги рушите границите. Ова, би можеле многумина да го потврдат со своето искуство. Но, особено е значајно кога доаѓа од жена како Мариса Мејер. Таа во текот на нејзината бременост беше назначена за извршна директорка на компанијата ‘Јаху’, со што влезе во историјата како прва жена поставена на раководна позиција на некоја американска компанија, за време на бременоста. И покрај дебатите и критиките што ги иницираше таа, за тоа колку жената може да биде посветена мајка додека работи, како што многумина се согласуваат, таа најде начин да покаже дека е тоа можно“, посочи Заев со образложение дека примерот го одбрал за да охрабри дека сè што се сака, може да се постигне.

Премиерот додаде дека и во Македонија, како и на глобално ниво, искуството покажува дека процентот на жени кои се на високи менаџерски позиции во компаниите, е многу помал во однос на мажите.

„Но, Владата, еве уште сега кажувам, е подготвена да креира и спроведува политики што ќе овозможат младите жени, интелектуалки, да имаат услови за непречен професионален развој, во периодот кога оформуваат семејство“, додаде тој.

Притоа Заев даде предлог сите заедно, стопанските комори, здруженијата за родова еднаквост, како што е асоцијацијата „Жени во енергетика”, да воспостават дијалог со работодавачите, заеднички да се дефинираат слабостите, но и заеднички да се направат тренинг програми коишто ќе го подобрат професионалниот развој и напредок на жените.

Инаку премиерот својата порака ја испрати пред бројни присутни, како претседателката на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска, организатор на меѓународната Конференција заедно со ЕВН – Македонија, Стефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија – покровител на Конференцијата, претставници на Централно Европската Иницијатива, чијашто пректна активност е Конференцијата, претставници на АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО, домашни и странски експерти во областа, професори, претставници од бизнис заедницата, од домашни, регионални и меѓународни организации, ректорот на универзитетот Св.Кирил и Методиј, Велимир Стојковски, претставници од амбасадите во земјава, од Министерството за труд и социјална политика и други институции во Македонија.

Спонзорирано: