13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Германските цркви добиваат рекордни износи од државата, но бројот на верници се намалува

Германските христијански цркви во текот на минатата година, независно од приходите од црковните даноци, добиле државни средства во износ од 538 милиони евра, што е историски рекорд и покрај драстичниот пад на бројот на верници, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (FAZ).

„Двете германски христијански цркви, католичката и протестантската, во 2017 година од страна на германските сојузни држави добиле вкупно 538 милиони евра, што е за 14 милиони повеќе во споредба со 2016“, пишува FAZ повикувајќи се на податоци објавени од страна на здружението „Хуманистичка унија“, критички настроено кон активностите на црквите.

Понатаму се наведува дека станува збор за приход кој црквите го добиваат од сојузните држави врз основа на договор од 19 век, кој бил склучен откако државата одзела земја од црквата, а во исто време се заложила за исплата на отштета, што се реализира до денес.

„Хуманистичка унија“ пресметала дека само од основањето на Сојузна Република Германија во 1949, федералните покраини, со исклучок на градовите Хамбург и Бремен кои истапиле од овој систем, врз основа на законот од 19 век на црквата и исплатиле повеќе од 17 милијарди евра.

Инаку, со 1,2 милиони вработени, црквата, по државата, е најголемиот работодавец во Германија. Сепак бројот на верниците во христијанските цркви во Германија е во постојано опаѓање. Според Заводот за статистика на Германија, во 1990 година 72,3 проценти од Германците и припаѓале на една од двете христијански заедници, а тој процент во 2015 година опаднал на 56 проценти.

Спонзорирано: