5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Со предвремени избори да го урнеме картелот на власт кој сѐ повеќе се богати

Граѓаните на Република Македонија излегоа масовно и му порачаа на Зоран Заев и СДСМ дека се против распродажбата на државните и националните интереси, велат од партијата ВМРО-ДПМНЕ во соопштение кое се однесува на протестот одржан во саботата пред Владата на РМ.

„Граѓаните гордо и исправено се спротивставија на неправдите и понижувањата од страна на власта. Граѓаните покажаа дека повеќе не се плашат на заканите и притисоците на Заев и неговиот картел и порачаа дека време е да се стави крај на лажните ветувања, злоупотребата на институциите и уништувањето на државата“, се наведува во партиското соопштение.

Од опозициската партија истакнуваат дека граѓаните на Република Македонија упатиле порака до власта дека не смее повеќе државата да тоне, еконимијата да стагнира, а институциите да бидат заробени од картелот.

„Тие кажаа дека не сакаат повеќе да ги води неспособна и безидејна власт која спасот го бара во продажбата на државните интереси. Откако е СДСМ на власт, граѓаните се повеќе осиромашуваат, а картелот на Зоран Заев се повеќе се богати. За една година повеќекратно го зголемија своето богатство. Го купија струмичкиот гигант ‘Герас Цунев’, по цена од обична гарсониера, влегоа во милионскиот бизнис со марихуана, а нивните камиони превезуваат руда за потребите на РЕК Битола“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму наведуваат дека цената на богатењето на Заеви ја плаќаат граѓаните.

„Нема 500 евра плата, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема поврат на 15% ДДВ, нема социјална помош од 12.000 денари, бесплатно болничко лекување, и нема 600 километри нов автопат и 550 километри магистрални патишта. Граѓаните се уверија дека се што вети СДСМ е голема лага Единствено покачување кое го спореведе оваа власт, а не го вети пред граѓаните е зголемување на акцизата на дизелот и затоа количината на дизел која граѓаните можеле да ја купат со една просечна плата пред една година е за 120 литри помала денес“, стои во соопштението.

Како што велат од опозициската партија по една година на власт, новата влада не успеала да реализира ниту една капитална инвестиција.

„Успеаја да го зголемат јавниот долг кој ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Граѓаните секојдневно се сведоци на задолжувањата од страна на власта, но останаа без одговор каде завршуваат нивните пари и колку ќе треба да враќаат идните генерации. Граѓаните и Република Македонија заслужуваат просперитетна иднина, квалитетен живот и сигурна и безбедна иднина за нив и за нивните деца“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ од каде категорично бараат предвремени избори заедно со претседателските, техничка влада 100 дена пред избори и претседател на ДИК по предлог на опозицијата.

„Само така ќе се креираат еднакви услови за фер избори. Државата повеќе не смее да биде заложник на Заев и СДСМ. Граѓаните заеднички, сложно и обединето ќе го победат овој криминален картел на власт и ќе триумфираат над неправдата, над темнината, понижувањата и ќе стават крај на ова неславно владеење. Република Македонија заслужува подобро, граѓаните заслужуваат подобро“, се вели во партиското соопштение.

Спонзорирано: