10.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Мицкоски од Гостивар: Заев се обидува да наметне колективна депресија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари теренска посета и средба со граѓаните на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар. Тој ги повика сите членови, симпатизери и граѓани кои се разочарани од актуелната власт на СДСМ и Заев да се придружат на 2 јуни во 20 часот пред Владата да излезат за да почне крајот на оваа ненародна влада.

Мицкоски посочи дека оваа влада се обидува да наметне колективна депресија и дека мора да се застане на патот на ова уништување и газење на гордоста и достоинството на граѓаните на Република Македонија.
„Се обидуваат да ни наметнат колективна депресија. Се обидуваат да го направат невозможното возможно, нереалното реално, лагата вистина, да нè направат рамнодушни на нивните глупост, незнаење и отсуство на здрава памет. Само на тој начин граѓаните да ги демотивираат, да ги депремираат и национално да ги деосознаат. Но, ние, ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на Република Македонија треба сложно да им кажеме на Зоран Заев и групата околу него дека овој пеколен план нема да им успее, ние ќе ве домонтираме и демаскираме“, истакна Мицкоски.

Тој им порача на присутните да не дозволат да бидат заплашени и да не подлегнат на заканите и притисоците од Заев и блиските негови соработници бидејќи силата на една држава е народот, додавајќи дека на 2 јуни токму народот ќе му каже на Заев дека е доста со неговите погубни политики.

„Оваа недела ќе се обидат да ве заплашуваат, ќе се обидат да ви се закануваат. Нема да им успее ако сите ние заедно сложно излеземе на 2 јуни, ќе им кажеме доста е! Ќе ве пратиме на крајот од денот на темната страна на срамот, на ѕидот на срамот на историјата. Ние сме тие коишто треба да си ја земеме судбината во свои раце. Оваа генерација политичари треба да го прати Зоран Заев дома. И ова што ѝ се случува на Република Македонија, браќа и сестри има име и презиме не заборавајте – Зоран Заев е името и презимето. Тој е виновникот за ова што ѝ се случува на нашата татковина“, порача Мицкоски.

Тој додаде дека покрај лажно ветените 500 евра плата, 100 илјади денари плата за докторите, повисоки субвенции за земјоделците, поголеми пензии за пензионерите, поголем стандард за младите и живот за сите, Зоран Заев и СДСМ донеле само темнина, понижувања, чемер и јад за граѓаните на Република Македонија.

„Капиталните инвестиции се за два и полпати помали споредено со првите 4 месеци со минатата година, буџетот го полнат со акцизата за гориво, која ја покачија, што значи дека чепкаат од џебот на граѓаните, но парите не ги трошат за капитални инвестиции, а сами предвидуваат со нивната фискална стратегија дека платите дури и за 4 години нема да достигнат 500 евра како што самите ветуваа, со други зборови лага до лага“, рече Мицкоски во Гостивар.

Спонзорирано: