19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов не бил информиран за договорената рамка за името

До претседателот Ѓорге Иванов нема доставено информација за договорената рамка за надминување на спорот за името, на која вчера се повика министерот за надворешни работи, Никола Димитров, велат од Кабинетот на претседателот.

„До Кабинетот нема доставено информација за договорената рамка за можно решение на разликата околу името, ниту информации за последните две средби на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, одржани во Брисел и во Њујорк. Кабинетот на претседателот на Република Македонија не е информиран ниту за составот, ниту за работата на правните тимови од двете земји во Атина на текстот на билатералниот договор“, велат од Кабинетот на Иванов.

До претседателот претходно не бил доставен ниту предложениот пакет за името Република Илинденска Македонија, иако шефот на државата побара да добие писмен документ за последниот тек на настаните поврзани со спорот за името.

„Кабинетот на претседателот во неколку наврати претходно побара до претседателот Иванов да бидат доставени документи поврзани со текот на разговорите, вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција, оценувајќи дека се врши селективно информирање на македонскиот претседател“, се вели во соопштението од Кабинетот.

Иванов пред 10 дена, по информативниот состанок на државно-политичкиот врв изјави дека очекува да му биде доставен на увид барем во основниот документ на кој се гради овој предлог, а тоа е првиот што го дала грчката страна.

„Јас досега сум бил принципиелен и останувам доследно да се придржувам на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија“, изјави Иванов пред 10 дена.

Спонзорирано: