13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Donald Trump/Offical fan page
СВЕТ

Aвстрискиот канцелар се сомнева во посветеноста на Вашингтон кон ЕУ

САД под администрацијата на Доналд Трамп стануваат сè понепредвидливи и несигурни за своите европски партнери, истакна австрискиот канцелар, Себастијан Курц, приклучувајќи се кон хорот од членки на ЕУ ко бараат поголемо единство и самодоверба.

„САД стануваат сè понедоверливи за нас. Најважно е Европа да остане обединета”, изјави Курц за „Фајненшел тајмс”.

Загриженоста во ЕУ поради администрацијата на Доналд Трамп се зголеми од неодамна. Претходно месецов една анкета покажа дека 82 отсто од Германците веруваат оти САД не се сигурен политички партнер откако канцеларката Ангела Меркел изјави дека Европа треба да ја земе својата судбина во свои раце.

Големиот трансатлантски раздор првпат се појави откако Трамп се повлече од Договорот за климатски промени во Париз, а се продлабочи откако американската администрација го призна Ерусалим како главен град на Израел, се повлече од Договорот за иранската нуклеарна програма и воведе тарифи за алуминиумот и за челикот кои влегуваат во сила во јуни.

Курц и Меркел не се единствените политичари во ЕУ кои ја доведуваат во прашање посветеноста на Вашингтон кон своите европски партнери. Претходно месецов претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, исто така, го доведе во прашање американското пријателство.

„Гледајќи ги најновите одлуки на претседателот Трамп, човек дури и ќе помисли: со такви пријатели, кому му се потребни непријатели? Но, искрено речено, Европа треба да му се заблагодари на претседателот Трамп бидејќи благодарение на него се ослободивме од сите илузии”, рече Туск во Бугарија на Самитот за Западен Балкан, барајќи од Европејците да се обединат, против каприциозната наметливост на Вашингтон.

Курц ја упати својата порака до европските народи, повикувајќи ги и другите престолнини на ЕУ да ги поправат врските со Москва.

„Нема да можеме сами да ја решиме кризата само во Украина или Сирија, ќе бидеме успешни само ако најдеме начин да дејствуваме обединети со САД и со Русија, па мислам дека не е негативно за ЕУ ако земјите како Австрија, која отсекогаш била мостоградител, да има добри односи со Русија “, истакна Курц.

Во изјавата за „Фајненшал тајмс“, Курц истакна дека некои западноевропски земји ги третираат со презир своите источни браќа. Тој истакна дека актуелните тензии во ЕУ се делумно предизвикани од однесувањето на некои земји кои мислат дека се поморални и подобри од другите, дека западноевропските земји понекогаш гледаат од високо на источните европски земји”.

Спонзорирано: