18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Македонија со најголем напредок во исполнување на економските реформи од земјите во регионот

Според Извештајот на Европската комисија, Македонија бележи најголем напредок во исполнувањето насоките на ЕУ во Програмата за економски реформи во споредба со земјите од регионот, соопшти Министерството за финансии. Во овогодишниот извештај е нотирано дека земјата сериозно ја подобрила својата оценка во споредба со минатата година што јасно укажува на напредок во имплементацијата на препораките.

Напредокот бил истакнат на денешниот дијалог помеѓу ЕУ, Западен Балкан и Турција на кој присуствуваа министерот за финансии, Драган Тевдовски заедно со гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска- Бежоска.

Ваквиот дијалог, како што истакна Тевдовски, нè подготвува за идно учество во координацијата на економската политика на ЕУ.

„За да напредува економијата, потребни се повеќе реформи, меѓу кои и водење здрава фискална политика. Досега се преземени голем број активности и мерки. Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 е усвоена во декември 2017 година. Со реализацијата се зајакнува системот на јавни финансии, се унапредува транспарентноста, одговорноста, фискалната дисциплина и ефикасноста во управувањето со јавните ресурси. Новиот Закон за буџети кој се очекува да биде усвоен до крајот на оваа година и ќе ги опфати сите реформи во насока на зајакнување на фискалната рамка“, се вели во соопштението.

Тевдовски ја потврдил проекцијата на Владата за економски раст од 3,2 отсто. Тоа е во согласност со ревидираната проекција на Европската комисија и Народната банка. Од МФ истакнуваат дека првпат по 10 години Владата и Министерството за финансии навремено ја усвоиле Фискалната стратегија која ги вклучува и препораките на ММФ и Европската Унија.

Спонзорирано: