10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев го честиташе 24 Мај: Владата ќе го помага и поттикнува развојот на универзитетската дејност

Нашиот словенски јазик, македонскиот јазик – е наш идентитетски белег. Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, именуван по сесловенските просветители Кирил и Методиј, е храм на нашата писменост и култура, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, честитајќи го 24 Мај,

Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј и патрониот празник на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, синоќа на свечената академија во чест на 69-годишнината од основањето на Универзитетот во Скопје.

„Податоците покажуваат дека од него во досегашното 69-годишно постоење излегле над 170 илјади високостручни кадри, магистри и специјалисти, доктори на науки, во сите наставно-научни области. Тие кадри, тие луѓе денес се двигатели на општествените процеси, но и носители на нашата заедничка самосвест и самобитност како народ.

Владата ќе го помага и поттикнува развојот на универзитетската дејност во Република Македонија, на сите универзитети, вклучувајќи го и овој важен, значаен, вреден расадник на писменоста, науката и културата во Република Македонија, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Веќе го донесовме Законот за високото образование, низ јавна дебата со сите засегнати чинители, а ако се покаже за потребно, подготвени сме и да го унапредуваме.

Со универзитетите и универзитетските професори веќе работиме на враќањето на автономијата, како и на поголемо меѓународно поврзување на факултетите.

Ќе ги зголемиме и инвестициите во науката и истражувањето, развојот и иновациите.

Направивме Стратегија за образованието 2018 – 2025 година за наредните 7 години, исто така низ широки консултации со професорската, граѓанската јавност и со јавна расправа меѓу сите политички субјекти во Собранието на Република Македонија. Она по што се разликува оваа стратегија од сите досегашни е тоа што составен дел од неа е и конкретен план за реализација, со јасни рокови – до кога мора да се исполни предвиденото и да стигнат очекуваните резултати. Приоритет број еден во неа, во делот на високото образование, е да обезбедиме квалитет и ефикасност, во согласност со добрите европски практики.

Како премиер и како влада ве уверувам дека даваме и ќе даваме активна поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност.

Советувајте, критикувајте, пофалувајте, насочувајте, само немојте да бидете пасивни – потребни сте ни, а потребни сте му и на нашето заедничко општество. Ве повикувам сите: професори, студенти, родители, медиуми, од граѓанскиот сектор – да бидеме партнери во развојот на овој процес, порача премиерор Заев.

Спонзорирано: