10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ИНТЕРВЈУТОП ВЕСТИ

Китанова: Биди една меѓу еднаквите во енергетскиот сектор, не си поразлична од колегите од спротивниот пол

СИЛНА ПОРАКА ОД ПРЕТСЕДАВАЧОТ НА ОРГАНИЗАЦИСКИОТ ОДБОР НА „ЖЕНИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА 2018“ И УСПЕШЕН МЕНАЏЕР ВО ЕВН МАКЕДОНИЈА

Даниела Китанова е претседавач на Организацискиот одбор на конференцијата „Жени во енергетиката 2018“, која годинава се одржува на тема „Иницијатива за промоција на родовата еднаквост“. Китанова е и менаџер на два кориснички центри во ЕВН Македонија, КЕЦ Струмица и КЕЦ Гевгелија, а раководи и со група за односи со корисници.  По убедување на средината во која растела, Китанова одбрала да студира информатика, затоа што тоа е „по–женска“ и помодерна професија, но денес како менаџерка во ЕВН Македонија, вели дека е среќна оти приказната ја продолжила во енергетскиот сектор, нејзиниот прв избор. За нејзиниот напредок до менаџерска позиција, како сопруга и мајка на две ќерки и за умешноста успешно да се организираат и професијата и кариерата, како и за предрасудите меѓу корисниците кои зборот „менаџер“ го поврзуваат единствено со претставник од машкиот пол, но и за улогата да ги поттикне младите колешки да ја одберат кариерата во енергетскиот сектор

Може ли да ни наброите три карактеристики кои треба да ги има една жена за да се наметне како една од успешните приказни за „Жени во енергетиката“ ?

Можам да бројам многу предуслови и карактеристики, но ќе се задржам на оние три за кои сметам дека се неопходни. Самосвесност – што подразбира дека не си ништо поразлична од колегите од спротивниот пол. Задачите и предизвиците се еднакво поставени за сите. Организираност – што подразбира дисциплина и огромен ангажман на работното место, но во истовреме подразбира и организација во семејството. Јас сум мајка на две возрасни ќерки. Менаџер сум откако тие биле целосно зависни од мене. Тоа барало исклучителна посветеност и баланс  меѓу професијата, кариерата и семејството. Професионализам – што подразбира вистинска љубов кон тоа што го работиш.

Која е вашата формула за успех наспроти традиционалните предрасуди. Вие сте единствена жена во Македонија, која во исто време, води два КЕЦ-а во ЕВН Струмица и во ЕВН Гевгелија. Велат дека ова е преседан затоа што досега не постоела можност една личност да води два огромни КЕЦ-а?

Да, во моментот раководам со два Кориснички центри од југоистокот на Македонија. Ова е времена состојба, но јас сум благодарна на врвниот менаџмент на ЕВН за искажаната доверба и поддршка. Задачите и одговорностите се идентични, но конзумите се полни со различности. Тоа е тоа што го крева адреналинот и ме прави уште помобилна и флексибилна. Почитување на распоредот на активности и организираноста се клучни работи за мене во овој период. Понекогаш се случува работниот ден да започне во Струмица, каде е моето место на живеење, да продолжи во Скопје на некој состанок или координација, а да заврши во Гевгелија. Или обратно. Освен тоа, јас раководам и со група за односи со корисници, што налага секојдневна комуникација со електромонтери, давање директни налози за работа, подготовка на распореди и теренски активности. Значи денот е исполнет со еден куп контакти со вработени и клиенти. Има многу непредвидливи  ситуации. Во секој момент мора да имаш „план  Б“ за да можеш успешно да се справиш со предизвиците.

 

Целиот Ваш живот е проткаен со енергетика, иако Вие по вокација сте информатичар. И татко Ви бил еден од најдобрите електроинженери. Како и зошто енергетиката стана значаен дел од секојдневието на Китанова?

Да, точно е. Мојот татко беше еден од основоположниците на современите енергетски трендови во Електростопанство на Македонија. Беше комплетно посветен на енергетиката. И мојот постар брат е успешен енергетичар. Кога  ме враќате наназад се присетувам дека зборовите столбови, кабли, трафостаници и слично ги слушав уште од мала. Водена од разговорите и настаните, на кои бев сведок уште од дете, бев одлучна да ја отворам вратата на, со предрасуди кажано, „машкиот свет“. Се запишав во прва година на Електротехнички факултет – отсек енергетика. Меѓутоа, една година подоцна, потклекнав во убедувањата на средината дека сепак информатиката е „по-женска  работа“ и помодерна професија, која не наметнува теренски активности и опасности. Но кога нешто треба да се случи – се случува. Моето прво вработување по дипломирањето беше во Електродистрибуција и почна мојата енергетска приказна. Среќна сум што сѐ уште трае.

 

Што значи да се биде жена менаџер во компанија како што е ЕВН Македонија?  

ЕВН Македонија е компанија со светски стандарди, како во делот на процедуралните активности, така во делот на односи со вработените. Јас сум менаџер уште од периодот на ЕСМ и од првиот ден на настапување на ЕВН Групацијата во Македонија. И слободно може да потврдам, дека во ниту еден момент, со ниту еден гест, немам почувствувано различен третман од страна на Раководството кон мене како жена-менаџер, во однос на моите колеги од спротивниот пол. Сепак мора да додадам дека порано имаше комични ситуации од страна на клиенти кои зборот „менаџер“ го поврзуваа единствено со претставник од машкиот пол. Прекрасен однос имам и со моите 17 машки колеги од техничкиот сектор Оператива. Може слободно да ги прашате, јас сум за нив една меѓу еднаквите. Со моето однесување и работење се обидувам да бидам пример за Раководството, но и поттик за ангажирање на мои колешки во Оператива. Исто така, сакам да ги охрабрам да искажат поголема амбиција и тоа со една порака директно до нив: „Драги колешки, оперативата и теренот се позитивно заразни. Чувството што го носи амбицијата, ангажманот, посветеноста и задоволството од сработеното е незаменливо. За ништо на светот, немојте да го пропуштите.“

(sky)

Спонзорирано: