19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сретен Давидов – најдобар млад научник за 2017 година

Претседателот Ѓорге Иванов денеска му го додели признанието „Најдобар млад научник“ за 2017 година на д-р Сретен Давидов, кој работи на полето на електротехниката. Давидов, роден 1989 година во Неготино, дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2012 година. Магистрирал на Универзитетот во Љубљана, Факултет за електротехника, во 2014 година. На истиот универзитет Давидов оваа година ја одбрани и својата докторска дисертација. Давидов е вработен како млад истражувач со звање асистент на Факултетот за електротехника при Универзитетот во Љубљана.

„На мое големо задоволство дознав дека д-р Давидов се нафатил да придонесе кон решението за еден од најгорливите проблеми на нашиот град, а тоа е аерозагадувањето. Секоја година се задушуваме во смогот, кој е последица на човековата неодговорност кон себе и кон животната средина. Тоа е сериозен предизвик што не може да се реши само со конвенционални политики и процедури кои произлегуваат од старата парадигма на неодржлив развој. Овој предизвик подразбира промена на парадигмата, а со тоа и промена на начинот на живеење. Креативното решение што д-р Давидов го нуди се електричните возила, односно ползувањето на чистата енергија – електричната енергија што не ја загадува околината. Поконкретно, тој го обмислува оној суштински важен дел, а тоа е оптимално решение за избор на локации за поставување станици за полнење“, рече Иванов по доделувањето на признанието.

Давидов е автор на четири научни труда објавени во ревија со фактор на влијание. Автор е и коавтор на 8 конференциски труда. Учествувал и во неколку научни проекти. Рецензент е и за две интернационални ревии со фактор на влијание од издавачката куќа Elsevier: Energy и Applied Energy. Член е на ИЕЕЕ – Институт на инженери по електротехника и електроника и на СИГРЕ – Комитет за големи електрични системи и ЦИРЕД ‒-Комитет за дистрибутивни електрични системи.

„За мене, ова претставува доказ дека државата го цени тоа што го остварувам и дека сум добар во тоа што го работам. Исто така, тоа е и верификација на мојата работа и потврда на мојот научен потенцијал што го преточувам во нови дополнителни вредности во областа во која сум активен и кои се во корист на целокупното можно знаење на човекот. Токму на тоа посебно се гордеам затоа што успевам да придонесам за унапредување и модернизирање на начинот на кој човекот може да си дозволи да живее и затоа што можам да влијаам и да направам разлика. Посебно ми значи тоа што државата со ова признание ми укажува посебна важност и ја цени успешноста на меѓународните достигнувања на мојата научна работа“, рече Давидов.

Признанието „Најдобар млад научник“ за врвни научни достигнувања се доделува осми пат по иницијатива на претседателот Иванов. Целта на доделувањето на ова признание е да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.

Спонзорирано: