12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Објавен конкурс за Школата за млади лидери на Иванов

Објавен е конкурсот за деветтата по ред меѓународна обука за млади лидери, што под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе се одржи од 20 август до 31 август во Охрид.

Годинашната тема на Школата е „Инспирирање и развој на исклучителни млади лидери“. Програмата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование, кои имаат желба преку своите лидерски вештини да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Како што се наведува во објавениот конкурс, програмата на Школата опфаќа предавања и практични вежби за лидерство, со еминентни предавачи од земјата и странство, а наставата се одвива на македонски и на англиски јазик.

На конкурсот, кој е отворен до 23 мај, може да учествуваат сите млади од Македонија и наши иселеници што живеат во странство. Условите за конкурирање предвидуваат пријавените да имаат одлично познавање на англискиот јазик, да имаат просек, еднаков или поголем од 8,5 на додипломските студии, а работното искуство од минимум една година ќе се смета за предност.

Апликацијата, што треба да се достави до Кабинетот на претседателот, треба да содржи биографија, кратко мотивациско писмо, копија од уверение за положени испити, потврда за напреден степен на познавање англиски јазик и две препораки.

Школата за млади лидери првпат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид. Во изминатите осум години на Школата учествуваа околу 320 млади луѓе со разна академска и професионална определба. Учесниците на досегашните школи се организирани во „Алумни асоцијацијата“ – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде што преку организација на семинари, панел-дискусии, предавања и учества во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на Школата.

Спонзорирано: