3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски се сретна со Курц и Хан

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во пресрет на самитот на Европската народна партија, кој се одржува во Софија, оствари средба со австрискиот канцелар, Себастијан Курц, и комесарот на Европската Унија за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан

На средбата се разговарало за перспективите на Македонија, актуелната политичка состојба, како и стратешкиот интерес на државата за членство во Европската Унија, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што велат од партијата, Мицкоски посочил дека Република Македонија се наоѓа во исклучитело тешка економска ситуација која резултира со намалување на стандардот на граѓаните, надополнета со сериозен политички терор наметнат од власта што сериозно ги поткопува нејзините капацитети и ја загушува слободата.

„Очекувањата од владата се изневерени, а народот сè повеќе незадоволен“, истакна Мицкоски.

Тој во однос на спорот за името, додаваат од опозициската партија, ги изнесе принципиелните позиции и ставови на ВМРО-ДПМНЕ кои не се променети, како и впечатокот дека Владата го води целокупниот процес на разговори на максимално нетранпсарентен начин што го наметнува чувството дека нешто се крие.

Беше истакнато дека премиерот Заев нема монопол во одлучувањето за вака едно важно прашање за иднината на државата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека партијата ги поддржува европските интеграции на државата што се од интерес на самите граѓани, што се покажа и преку активно учество и давање сугестии во процесот на носење на реформските закони. Воедно беше потенцирана и важноста истите да профункционираат во реалноста, за што особено треба да преземе одговорност самата Влада.

Мицкоски истакна дека Македонија заслужува и може подобро и дека градењето мостови за соработка ќе е клучен елемент на ВМРО-ДПМНЕ во отворање на државата и исполнување на стратешките приоритети.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оствари разговор и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. На средбата, според информациите од партијата, се разговарало за стратешката цел на државата за интеграција во Европската Унија и за продлабочување на соработката на тој план.