15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Европа ќе се откаже од американскиот долар во плаќањата за иранската нафта

Европската Унија планира плаќањата за купување нафта од Иран да ги врши во евра, со што ги елиминира трансакциите во американски долари, изјави дипломатски извор за „РИА новости“. Брисел е во судир со Вашингтон поради повлекувањето на САД од нуклеариот договор со Иран, кој беше постигнат за време на администрацијата на Барак Обама. Претседателот Доналд Трамп се заложи за повторно наметнување на санкциите против Исламската Република.

„Дојдов до информации дека ЕУ ќе се префрли од долари во евра за плаќање на суровата нафта од Иран“, изјави изворот за агенцијата.

Претходно неделава шефицата на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, рече дека министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија и на Иран се согласиле во следните неколку недели да изготват практични решенија како одговор на потегот на Вашингтон. Наводно, европскиот блок планира да ги одржи и да ги продлабочи економските врски со Иран, вклучително и во областа на нафтата и гасот. Могерини истакна дека страните треба заеднички да работат на укинување на санкциите како интегрален дел од историскиот нуклеарен договор.

„Не сме наивни и знаеме дека ќе биде тешко за сите страни“, изјави таа.

Иранскиот нуклеарен договор беше потпишан пред три години во Виена меѓу Техеран и групата П5 + 1 (Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД плус Германија). Со договорот се укинаа неколкудецениски меѓународни санкции во замена за прекинување на контроверзната нуклеарна програма на Иран. На 16 јануари 2016 година страните на договорот го објавија почетокот на неговото спроведување. Укинувањето на меѓународните санкции првпат по речиси четири децении му овозможи на Иран пристап до светските пазари. Оттогаш Техеран успеа значително да го зголеми својот извоз на сурова нафта.

Иранската економија ќе биде подготвена ако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да го напушти нуклеарниот договор посредуван во 2015 година, велат од Централната банка на земјата. Меѓутоа, нафтата е поврзана со американскиот долар на меѓународните пазари, што им отежнува на иранските партнери да вршат исплати за суровата нафта и нивно префрлање на Техеран.

Бидејќи доларот ја игра водечката улога на меѓународните финансиски пазари, повторното наметнување санкции би значело исклучување на Иран од глобалниот финансиски систем. Со тоа ќе ѝ се наштети на иранската економија, а европските фирми ќе изгубат огромен пазар на Блискиот Исток. Преминувањето во алтернативни валути за исплата им овозможува на двете страни да продолжат со тргување и покрај санкциите на САД.

Спонзорирано: