12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Преземени се конкретни чекори за депонијата во Русино

Преземени се конкретни чекори за решавање на проблемите со депонијата во Русино, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев. Тој денеска оствари средба со претставници од општините и жители од Полошкиот Регион и претставници од Центарот за развој на Полошкиот Плански Регион и претставници на швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања СЕКО, со цел изнаоѓање решение за проблемите на жителите кои произлегуваат од состојбата со депонијата во Русино.

Жителите на бањскиот регион пред премиерот ја потенцираа потребата од итно и неодложно решавање на проблемот со депонијата во Русино, Гостиварско, која е сериозна закана за здравјето на жителите и земјоделските производи во тој регион.

Заев во оваа пригода истакна дека Владата, заедно со Министерството за животна средина и општините од Полошкиот Регион веќе работат на изнаоѓање трајни решенија за проблемот со оваа депонија, потенцирајќи го присуството на претставниците на СЕКО, кои како резултат на заложбите на надлежните институции, се партнер во изнаоѓањето трајно решение. Исто така премиерот потенцираше пред присутните дека веќе е обезбедена донација од осум милиони швајцарски франци кои ќе бидат наменети за справување со депонијата во Русино, и дека дополнително се јавуваат и други инвеститори заинтересирани за ракувањето со отпад.

„Најбитно е да имаме заемно разбирање и да сме добро организирани. Како влада стоиме на располагање и сме подготвени да интервенираме во насока на зачувување на здравјето на граѓаните пред сè“, рече премиерот Заев.

Тој на оваа средба ги задолжи надлежните институции да преземат мерки за итно справување со контаминацијата на водата од тој регион, на што посебно се пожалија жителите, а која произлегува од неконтролираното користење на депонијата од многу субјекти.

На средбата министерот Дураки побара градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, како претседавач на Полошкиот Плански Регион да предложи да се формира јавно претпријатие задолжено за стопанисување со таа депонија.

Претставниците од СЕКО, пак, информираа дека во следниот период ќе биде финансирана програма за решавање на проблемот со депонијата, и дека ги следат сите законски регулативи во изготвувањето план и физибилити студија за идното функционирање на таа депонија. Од СЕКО, исто така информираа дека дополнително се обезбедени и половина милион швајцарски франци за интервентни мерки, кои ќе се имплементираат во периодот додека се изготвуваат потребните студии.

Спонзорирано: