4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Белата куќа не ја исклучува можноста за санкции кон европските компании што соработуваат со Иран

По откажувањето на САД од нуклеарниот договор, можни се санкции против европските компании што соработуваат со Иран, изјави во неделата советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон.

„Можно е. Тоа најмногу зависи од однесувањето на другите влади“, изјави Болтон за Си-ен-ен.

Со повлекувањето од нуклеарниот договор со Иран, склучен во 2015 година, американскиот претседател, Доналд Трамп, ги вознемири европските сојузници на Вашингтон кои веруваат дека иако оваа спогодба не е идеална, сепак засега обезбедува гаранции дека Иран нема да создаде атомска бомба, а воедно и сакаат да продолжи работата на нивните компании во таа земја.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, вчера изјави дека се надева оти САД и Европа ќе можат да се договорат за тоа како ќе постапуваат во однос на Иран кога Трамп се закани со санкции кон европските компании што ќе продолжат да работат таму.

Говорејќи за „Фокс њуз“, Помпео рече дека повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор САД не го насочиле кон Европа.

„Се надевам дека во наредните денови и недели ние ќе може да дојдеме до договор што навистина функционира и кој вистински ќе го штити светот од лошото однесување на Иран не само од неговата нуклеарна програма туку и од проектилите“, изјави тој.

Иранскиот претседател, Хасан Рохани, изјави дека неговата земја ќе остане посветена на нуклеарниот договор, кој, освен од САД, е потпишан и од Велика Британија, Кина, Франција, Германија и од Русија, под услов другите земји потписнички да гарантираат дека Иран е заштитен од санкции протв клучните економски сектори, како што е нафтата.