18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТОП ВЕСТИ

Зошто токму во Сингапур ќе се одржи средбата Ким-Трамп?

Дипломатските врски меѓу Сингапур и Северна Кореја и релативната близина на двете земји ја направија токму оваа држава природен избор за локација за средбата меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, што ќе се одржи на 12 јуни.

„Сингапур е прекрасна локација за самитот“, рекол Том План, експерт за нуклеарни прашања на лондонскиот Кралски институт за студии од областа на одбраната и безбедноста. „Ким ќе биде на пријателска, а не на непријателска територија, а од друга страна нема да биде на домашен терен“, објаснува британскиот експерт, пренесува „Асошиејтед прес“.

Меѓу другите фактори кои влијаеле на тоа за средбата да биде избран токму Сингапур, е и фактот што е поблизу до Северна Кореја од која било европска дестинација. Од значење е и искуството на сингапурските безбедносни сили и фактот дека Пјонгјанг со оваа земја има воспоставено дипломатски односи од 1975 година.

Агенцијата наведува дека Сингапур е познато тло за повлечената комунистичка земја, која има своја амбасада во сингапурскиот централен кварт. Од друга страна, Сингапур е погоден терен и за САД, како голем трговски партнер и втор најголем азиски инвеститор, но и долгогодишен поддржувач на американското воено присуство во азиско-пацифичкиот регион. Покрај тоа, Сингапур е регионално седиште на големи американски компании меѓу кои „Гугл“, „Фејсбук“ и „Аирбнб“.

Малколм Кук, висок соработник на Институтот ИСЕАС-Јусоф Ишак во Сингапур смета дека средбата ќе се одржи во севернокорејската амбасада.

Исто така, Сингапур, кој е оддалечен 4.800 километри од Северна Кореја, е соодветна локација за лет затоа што до некои европски дестинации би требало да има една или две паузи за дополнување на гориво во приватниот авион на Ким. Поранешниот амбасадор на САД во Сингапур, Дејвид Аделман, вели дека тој град е идеален за самит затоа што е чесен посредник меѓу Истокот и Западот. Во 2015 година во Сингапур се одржа самитот без преседан меѓу претседателот на Кина, Си Џинпинг и тогашниот тајвански претседател Ма Јинг-џеу.

Спонзорирано: