17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Поповски до Шредер: Поддршката на слободно и професионално новинарство е одлика на демократско општество

231 поврзани вести »Концептот за отворена влада, која ги поддржува принципите на транспарентност и отчетност, е со цел да им покаже на граѓаните како се трошат нивните пари и додаде дека Владата на Република Македонија поставува стандарди и за сите следни влади, со заложба да не се повторат грешките од минатото, нагласи министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски, на денешната средба со директорката на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рената Шредер.

„Затоа на врвот на политичката агенда на Владата е концептот на отворена влада, којшто подразбира демократизација на медиумскиот амбиент, односно поддршка на слободно и професионално новинарство бидејќи тоа е одлика на едно демократско општество какво создаваме“, рече Поповски.

Тој ја информираше Шредер дека владата има создадено реален сектор за комуникација и преку редовните прес-конференции граѓаните редовно се информираат за сите одлуки кои се носат на редовните седници.

Директорката на најголемата организација на новинарите во Европа, која претставува повеќе од 320 000 новинари во 71 новинарски организации низ 43 земји, се согласи и даде поддршка на министерот Поповски, кој оцени дека актуелната влада се заложува за „нула толеранција за каков било обид за напад, притисок или закана врз новинарите и медиумите, за загрозување на слободата на говорот и изразувањето“.

Тој, додаде дека покрај она што го прави Владата во врска со обезбедувањето на демократските услови за почитување на слободите, потребно е и другите институции во државата, обвинителството и судовите, да постапуваат максимално професионално во кој било напад или закана против медиумски работник.

Со претставничката на најголемата новинарска асоцијација, министерот Поповски разговараше и за процесот за реформите и за работата на телата кои ги финишираат измените на законската регулатива во оваа сфера.

Тој нагласи дека особено внимание во овој дел се посветува на законските измени кои се однесуваат на Македонската радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, регулирана преку Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кој е во собраниска процедура.

Министерот Поповски повтори дека за донесување на оваа законска регулатива јавно е поканета и опозицијата да се вклучи за да може да се обезбедат услови за професионален јавен сервис, како и департизација и професионализација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел почитување на професионалните стандарди од страна на сите медиуми.

Директорката Шредер позитивно ја оцени и изразената целосна поддршка на Владата за истражувачкото новинарство, како и понудената можност да се отвори дебата, доколку припадниците на медиумската фела и здруженијата сметаат дека треба да се воспостави регулација за онлајн медиумите и порталите.

„Што помалку регулација е подобро – што повеќе саморегулација е уште подобро. Од тој аспект владата дава целосна поддршка, но не ни помислува да се меша во регулирање на оваа професија“, додаде министерот Поповски.

Поповски и Шредер ќе учествуваат на Петтата годишна конференција за медиуми во Југоисточна Европа, која утре и задутре ќе се одржи во Струга, во организација на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во соработка со теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.

Спонзорирано: