8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Половина милион Турци на Ердоган му рекоа „доста“ преку социјалните мрежи

На изјавата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, дека ќе поднесе оставка ако турската нација му каже „доволно“, денеска повеќе од половина милион Турци одговорија со пораки на „Твитер“ означени со тагот #Tamam, што значи „доволно“ на турски јазик.

„Ако еден ден нашата нација каже ‘доволно’, ние ќе отстапиме“, рече Ердоган во говорот во парламентот.

Ердоган со Турција управува веќе 15 години, а неговата власт е одбележана со силен економски раст, но и со пресметки со неистомислениците. Минатиот месец тој објави дека предвремените избори ќе се одржат на 24 јуни, една година порано од редовните.

Набргу по говорот, на „Твитер“ се појави тагот #Tamam и стана една од најпопуларните глобални теми на оваа социјална мрежа.

„Ние сакаме демократија и велиме доста за Ердоган. Те молиме, напушти ја функцијата, веќе направи доволно луди работи за нашата земја и народ. Доволно е“, напиша еден корисник. „Нема мирно да си заминеш, ќе одговораш за сите твои постапки. Доволно е“, гласи друг коментар.

Конкурентите на Ердоган на претседателските избори,, исто така се приклучија на твитовите означени со тагот Tamam, а тројца од неговите најголеми противници собраа повеќе од 10.000 споделувања на своите пораки. Инаку, акцијата Tamam е еден од ретките моменти на единство меѓу главните опозициски партии вклучувајќи ја и прокурдската опозиција.