10.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Цената на едно нарачано обвинение во СЈО е вработување на сестрите и роднините на Јанева

Цената на едно нарачано обвинение во СЈО е вработување на сестрите и роднините на специјалната обвинителка Катица Јанева. Вака реагира ВМРО-ДПМНЕ по информациијата дека Владата му предлага на Собранието да ја избере за заменичка на Комисијата за хартии од вредност сестрата на Катица Јанева, Лиле Делиџакова.

„Колку чини едно нарачано политичко барање за притвор или одземање патна исправа?
Цената ја откри Зоран Заев. Цената е предлагање на сестра на специјалниот јавен обвинител Катица Јанева за заменик-претседател во Комисијата за хартии од вредност. Цената е вработување на нејзини внуци и роднини на нејзиниот тим во СЈО“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата обвини дека власта станала поим за непотизам, партизација и нечесно работење.

„Со ваквата кадровска политика, Заев и Јанева ја ставаат под знак прашалник и независноста на работењето на Комисијата од хартии за вредност. Никаде ги нема независноста и професионализацијата на институциите кои им ги ветуваа на граѓаните на Република Македонија. Наместо тоа, државните институции станаа места за згрижување на луѓе блиски до картелот на власт“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму се додава и дека власта досега ги вработи ќерката на Талат Џафери, синот на Мирослав Грчев и сопругот на Магдалена Несторовска во ЕЛЕМ, додека, пак, синот на Љубомир Фрчкоски стана втор човек во АД за Стопанисување со станбено-деловен простор.

„Игор Милев, поранешен член на ДИК од СДСМ, се вработи како советник на директорот на Царинската управа, а неговата сопруга беше избрана за судија во Апелационен суд во Скопје иако беше треторангирана. Градоначалниците на СДСМ веднаш по преземањето на општините ја продолжија политиката на партизација и непотизам па така градоначалниците на Берово и Неготино си ги вработија своите сопруги како наставници. Градоначалничката на Битола го вработи својот брат како наставник, додека, пак, градоначалникот на Прилеп исто така на државна сметка ги вработи својот зет и двете свои внуки, а нивниот пат го следат и директорите на другите институции“, вели опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека додека СДСМ и Заев ги партизираат институциите, државата крахира, а граѓаните сè повеќе осиромашуваат.

Спонзорирано: