4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Специјалците во МВР за појадок добиваат сув леб, мармалад и путер

Специјалците се соочуваат со очајни услови за живеење и работа, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција.

„Нивниот појадок е составен од сув леб, мармалад и путер. Потенцирам, најелитните специјални единици во Република Македонија се хранат со леб, мармалад и путер. Ниту една друга специјална единица во светот не се храни на овој начин. На луѓето што 24/7 треба да се грижат за безбедноста на нашата држава им се сервира сиромашна нискокалорична храна. Условите со кои се соочуваат припадниците на специјалната единица се катастрофални во секој поглед. Во просториите во кои се сместени припадниците на Единицата за брзо распоредување нема топла вода за туширање, иако специјалците се таму и дење и ноќе, а смените често им траат и повеќе од 12 часа“, рече Арсовски.

Тој обвини дека според нивните информации, припадниците на единицата требало и сами да си ги набават плакетите, што потоа формално ќе им бидат поделени. Арсовски тврди дека на над 1.500 припадници на специјалните единици, од поголем број станици не им се исплатени парите за прекувремена работа говорејќи за луѓе што имале одработено 150 часа месечно, со што им следува една просечна плата.

„Имено, во согласност со Законот за работните односи, работникот што има одработено подолго од полното работно време и кој нема отсуствувано од работа повеќе од 21 ден во текот на годината кај истиот работодавец, покрај платата, треба да му биде исплатен и бонус во висина од една просечна плата. ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека овој деградирачки однос кон припадниците на специјалните единици мора да престане. Припадниците на специјалните единици заслужуваат подобар третман. Државата не смее да се однесува со своите заштитници како што тоа го прави овој криминален картел на власт“, изјави Арсовски.