12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Утврдено присуството на салмонела во пирошките со кои се затруја 20 лица

Утврдено е присуството на бактерии во лабораториските испитувања од мострите, по настаните во штипскиот ресторан, каде пред десетина дена беа затруени дваесетина лица.

„Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри храна при извршениот инспекциски надзор од страна на Агенцијата и Државниот здравствен и санитарен инспекторат во објектот на компанијата ДПТУ ‘Гицов’ ДООЕЛ Кочани, која подготвувала и доставила храна – пирошки во ресторанот во Штип каде што пред десеттина дена беа затруени дваесеттина лица. Во земените мостри утврдено е присуство на бактеријата Salmonella Enteritidis и зголемен број бактерии на Enterobakteriacea, кои се сметаат за извор на заразата“, велат од Агенцијата.

Оттаму по извршената инспекциска контрола, утврдиле и дека објектот не бил регистриран, односно дека е одјавен во Агенцијата за храна и ветеринарство како оператор со храна. Со контролата таму биле најдени стотина килограми претходно подготвени и замрзнати пирошки и смеса за нивна подготовка, која по налог на инспекторите ќе биде уништена.

„Објектот за производство од страна на инспекторите е затворен на 25.4.2018 година.
По појавата на нови случаи на труење со храна во Кочани викендов, досегашната истрага на инспекциските служби упатува на истиот извор на заразата, иако во епидемиолошката анкета, затруените лица не посочуваат објект од каде што е набавена храната предизвикувач на заболувањето. Од страна на инспекциските служби на Агенцијата и Санитарната инспекција се прават напори за утврдување на потеклото на небезбедната храна и нејзино поништување“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Со цел расветлување на случајот и заштита на здравјето, апелираат, граѓаните кои набавиле храна од лица поврзани со оваа компанија, истата да не ја консумираат.

„Доколку имаат сознанија за потеклото на вака нелегално дистрибуирана небезбедна храна поврзана со горенаведениот извор на заразата, истото, со точни податоци, да го пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, електронски на info@fva.gov.mk или во Државниот здравствен и санитарен инспекторат на бесплатната телефонска линија 0800 2 55 55“, апелира Агенцијата.

По утврдување на сите факти и завршување на постапката, против одговорните лица во оваа компанија ќе бидат преземени соодветни законски мерки.

Спонзорирано: