20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Шекеринска: Членството на Македонија во НАТО ќе значи успех и за САД и НАТО

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска ја заокружи официјалната посета на САД со средба со Вилијам Беркли, директор за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа, а во Стејт Департментот имаше средба и со Тина Кајданоу, помошник секретар за политички и воени работи.

Како што соопшти Министерството, на средбите Шекеринска зборувала за реформските процеси во Македонија, но и за придонесот на нашата држава кон глобалната безбедност, реафирмирајќи ја стратешката определба на граѓаните, политичките партии и Владата на Република Македонија за полноправно членство во Северноатлантската алијанса. „Членството на Македонија во НАТО ќе значи успех не само за нашата држава, туку и за САД и НАТО, и ќе има големо влијание врз стабилноста и безбедноста во регионот“, рекла министерката, соопшти МО.

Директорот за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа, Вилијам Беркли рекол дека во Белата куќа внимателно се следи развојот на настаните во Македонија. Тој потенцирал дека Македонија има сојузници во Белата куќа.

„Способноста на Владата да испорача реформи и да ги решава проблемите со преговори ја нарече голем аргумент за успехот на земјата, и потврди дека успехот на Македонија да добие покана за членство во НАТO ќе биде пример кој ќе влијае на развојот на настаните и во другите земји од регионот“, соопшти Министерството.

Тина Кајданоу од Стејт Департментот рекла дека промената во Македонија само една година по политичката криза е видлива.

„Македонија е важен партнер за САД и така ќе остане, и ја имате нашата поддршка во решавањето на предизвиците на патот кон НАТО, бидејќи членството на Македонија во НАТО е важно за стабилноста на целиот регион“, рече Кајданоу.

Министерката Шекеринска имаше средби и со потпретседателката на Националниот демократски институт Шари Браун и регионалниот директор за централна и источна Европа, Роберт Бенјамин. Со полагање на венец на Гробот на непознатиот војник на националните воени гробишта Арлингтон, Шекеринска ја заврши официјалната посета на САД.

Спонзорирано: